за

Nissan GT-R: Годзила во напреден стадиум на беснило

Малкумина останаа од неговата сорта. Чистокрвната спортска машина за мажи со тешка нога доживеа освежување по седум години од премиерата. Nissan GT-R сега гризе уште посилно.

Главниот стратег во Nissan, Кено Като, ги има вистинските зборови да го опише GT-R: „Toj е чист анти-луксуз, не е исплакнат салонски спортист со комфорни седишта и е сé друго освен играчка за благородници.“ Човекот сигурно е во право кога го опишува Nissan GT-R како најдобра понуда во одбраното друштво на моќници на тркала. Като доопишува, за случај некој досега да не научил да го цени овој болид: „Тој што вози GT-R го сака чувството да ја контролира навидум несовладливата сила и секогаш да се наоѓа на командното место.“ Најдоброто е сепак во тоа што никаде на друго место не се добива толку многу автомобил за помалку од 100.000 евра.

nissan gt-r 10Nissan GT-R отсега ќе збеснува уште повеќе. Иако досега никој не се пожали дека му недостигаат коњски сили под хаубата, инженерите на јапонската марка извлекоа уште 20 КС од 3,8-литарскиот шестцилиндарец. Така, болидот сега располага со 570 КС и во зависност од расположението на нафатираниот сопственик може да јури и над 300 километри на час. Голема заслуга за супериорната моќ за повлекување од 633 њутнметри имаат обата масивни турбокомпресора, особено кога моторот ќе проработи во втората половина од работното подрачје, каде што е природната средина за спортските автомобили од оваа сорта. Паралелно со зголемувањето на моќноста и оптимирањето на контролната електроника е преработен и шестстепениот менувач со двојна спојка, кој сега располага со команди за рачна контрола директно на воланот.

И дизајнерите се дадоа на работа и го поддотераа лутиот поглед на болидот што фановите го нарекуваат Годзила. Лутиот противник на Porsche 911 Turbo и компанија доби поголема маска со мрежест дизајн, додаден е спојлер директно над асфалтот и благо е сменет браникот – и толку. Сето тоа не е само со цел да се додаде агресивност, туку е подобро и за потисокот. Отстрана се забележуваат помасивни прагови, а во модифицираниот опаш секако дека не смеат да недостигаат тркалезните задни светла како знак на препознавање на GT-R. Со овој детал, јапонскиот тркач се повикува на наследството на своите легендарни претходници од 1960-те и 1970-те години.

nissan gt-r 13Иако луксузот е споредна работа, освежувањето го опфати и ентериерот. Арматурната табла и инструментите добија нов дизајн и обложени се со кожа. Дисплејот на „командната централа“ порасна на осум инчи, а со тоа и бројот на прекинувачи се намали од 27 на единаесет. Изолацијата на кабината е подобрена, заради намалување на звуците од средината, но не и на машината со битурбо натполнење. Неговото неартикулирано гргорење уште при работа во место остана како акустичен знак на препознавање на GT-R, исто како и бесното рикање при пристојно додавање гас. Токму како Годзила.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Најневеројатните самоделски зафати во автомобилите

Што бара штекер за струја на Hyundai со погон на водород?