Годинава ќе биде рекордна за автомобилот со електричен погон на Nissan. За в година, јапонската марка предвидува нов рекорд, со зголемување на продажбата за најмалку 20 проценти.
Менаџерите на Nissan превидуваат продажбата на елeктричниот Leaf на европскиот пазар во 2015 година да се зголеми за најмалку 25 проценти во споредба со оваа година. Според официјалните статистики, Nissan Leaf се продаде во 12.655 примероци до октомври, со што е неприкосновен лидер во продажбата на електрични возила во Европа. Тоа се за 40 проценти повеќе возила отколку во истиот период лани.
Растот на продажбата на Leaf се должи на постојаното намалување на продажната цена на моделот, односно на ратите за лизинг, откако Leaf стартуваше со европска продажба во 2010 година. Просечната цена на лизинг на Leaf во Европа во моментов изнесува 250 евра месечно, што е драстично намалување во споредба со 400-те евра во почетокот. Во Франција, Leaf се изнајмува за 169 евра месечно, благодарение на широкоградите државни субвенции. Nissan успеа да ја намали цената на Leaf и со преселувањето на продукцијата од Јапонија во Велика Британија во 2013 година.
На некои пазари постојат огромни повлаастици за електричниот Nissan. На „домашниот“ пазар, во Велика Британија, Leaf Visia добива субвенција во висина од 3.200 фунти, односно околу 4.100 евра. Цената на моделот, вклучувајќи ги батериите, моментно изнесува 18.290 фунти, што е на ниво со Volkswagen Golf или Ford Focus. До септември, Nissan продаде 3.000 примероци од Leaf само во Велика Британија.
Повеќето купувачи на Leaf се решаваат за опцијата со изнајмување на батериите. Во месечната рата се вклучени гаранција за трајноста на батеријата и сервисирањето. Половина од француските возачи го избираат лизингот на батериите, нивниот процент во Британија изнесува околу 10 проценти, додека во Норвешка речиси и не постои интерес за оваа опција.
















