Јапонците од летово ќе бидат нов главен спонзор на првенството, на место на ривалот Ford. Целта е преку присуството на спортската сцена да се зголеми продажбата на Nissan во Европа.
Производителот на автомобили Nissan влегува на голема врата во фудбалската лига на шампиони за да се спротивстави на опаѓањето на продажбата на европскиот пазар. Јапонците доаѓаат на местото на американскиот ривал Ford и од летово ќе бидат главен спонзор на шампионатот. За тоа е потпишан договор за период од четири години со европската фудбалска унија Uefa. Ford беше спонзор уште од самиот почеток на шампионатот пред повеќе од 20 години и реши да се повлече на една година пред истекот на договорот.
Nissan уште не открива колку планира да издвои за спонзорскиот пакет, иако разни медиуми порано имаат спомнувано суми во висина до 60 милиони евра годишно. Договорот со Uefa ќе истече во летото 2018. Две години пред тој рок, Nissan планира да стане најголем азиски производител во Европа, потиснувајќи ја Toyota од сегашната позиција. Nissan располага со моделска програма што е скроена за европскиот пазар, но досега недостигаше соодветна платформа за натамошна популаризација за марката во Европа и за зголемување на нејзината продажба. Јапонците имаат тесна соработка со Renault, кој располага со 43 проценти од нивните акции.