Иновациите се едни од клучните подрачја што нудат излез од кризата, покрај штедењето и осигурувањето на ликвидноста. Така цени германскиот Центар за автомобилски менаџмент. Во оценувањето на најиновативните автомобилски концерни, што го спроведува Центарот, се покажува дека иновациите не недостигаат ниту во време кога кралицата на индустријата е погодена од корона-кризата.
Концернот Volkswagen годинава води во рангирањето што експертите на овој центар го спроведуваат редовно уште од 2005 година. Волфсбург учествува со дури 272 иновации, од кои 74 се новитети во светски рамки. Соодветно на тоа, VW освои награди во пет категории. Меѓу иновациите се техниката Car-2-Car во Golf 8, за предупредување на останатите возила при опасност на пат, потоа компактниот СУВ-кабриолет врз основа на T-Roc, светлото за ориентирање на пат во новиот Audi e-tron Sportback и новиот 800-волтен систем за полнење во Porsche Taycan.
Меѓу 10-те најиновативни автомобилски концерни се најдоа и две кинески комнпании – BYD и Geely (со Volvo) – како и француските Renault и PSA. Жирито годинава оценуваше вкупно 1.465 нови производи од 42 глобални автомобилски групации, на коишто им припаѓаат 96 марки. Се оценуваше според квалитативни и квантитативни критериуми.

Во рангирањето на големоволуменските производители, првото место му припадна на VW, кој лани беше на третото место. Меѓу иновациите во светски рамки, спаѓаат подобрениот систем за асистирање при итен случај, кој во случај на здравствена или друга слабост на возачот, самостојно го запира возилото и автоматски го престројува во помошната лента на автопат.
Големо изненадување е наградата за кинескиот BYD во категоријата на „алтернативен погон“. Тоа е само уште еден доказ дека традиционалните производители се наоѓаат под силен притисок од релативно новите компании, особено од Кина. Иновациската моќ на земјата не е за занемарување. Кинеските производители учествуваат со 23% во вкупниот број иновации во браншата.
Mercedes-Benz води во конкуренција на премиум марките
Првото место меѓу премиум марките му припаѓа на Mercedes-Benz, пред BMW и пред Audi, Tesla и Porsche, кои ја комплетираат водечката петорка. Со вкупно 36 иновации, Mercedes има за една третина повеќе светски новитети од BMW. Штутгарт е прв и во категоријата на „интерфејс и вмрежување“ во конкуренција на премиум марки.
Најголем раст во бројот на иновации има во подрачјето на електромобилноста. Тука бил постигнат рекорд со 184 иновации или +82% повеќе отколку во ланското рангирање. На погонот на струја отпаѓаат 29 проценти од сите новитети. По погонот, второ најголемо подрачје за иновации се системите за асистенција и спречување незгоди, со 17% од сите новитети. Tesla годинава го победи ланскиот шампион Mercedes во категоријата на „автономно возење и безбедност“. За тоа се погрижија трите нови системи за асистенција во Tesla Model 3 и Model Y.
Од вкупно 250 сериски модели, како „најиновативен модел“ е одликуван Porsche Taycan со 56 индексни бодови. По спортскиот електромобил следи серијата 3 на BMW со 33 индексни бодови, а потоа и освеженото моделско годиште на Mercedes GLC со 30 бодови. На Taycan отпаѓаат 27 иновации, од кои близу половината (13) се светски новитети, меѓу кои мошне брзиот 800-волтен систем за полнење и првиот 2-степен менувач во електрилен автомобил.
Сите победници по одделните категории:
Оценување на ниво на концерн
Најиновативен концерн
1 Volkswagen AG
2 BMW Group
3 Daimler AG
Оценување на ниво на марка:
Најиновативна големоволуменска марка
1 Volkswagen
2 Ford
3 BYD
Најиновативна премиум марка
1 Mercedes-Benz
2 BMW
3 Audi
Алтернативен погон:
Најиновативна големоволуменска марка
1 BYD
2 Ford
3 Volkswagen
Најиновативна премиум марка
1 Audi
2 Tesla
3 BMW
Концепт на возило и каросерија
Најиновативна големоволуменска марка
1 VW
2 Renault
3 Jeep
Најиновативна премиум марка
1 BMW
2 Porsche
3 Audi
Автономно возење и безбедност
Најиновативна големоволуменска марка
1 VW
2 Ford
3 Haval
Најиновативна премиум марка
1 Tesla
2 Mercedes-Benz
3 BMW
Интерфејс и вмрежување
Најиновативна големоволуменска марка
1 VW
2 BYD
3 Ford
Најиновативна премиум марка
1 Mercedes-Benz
2 BMW
3 Audi
Најиновaтивен модел:
1 Porsche Taycan
2 BMW серија 3
3 Mercedes-Benz GLC
















