Мотоциклист го привлекол вниманието на полициската патрола откако минал крстосница на едно тркало. Тој потоа се обидел да побегне и за само осум минути извршил 42 сообраќајни прекршоци.
Бегајќи од полициската патрола, мотоциклист во Виена за само осум минути извршил 42 сообраќајни прекршоци. Возачот на 29-годишна возраст бил забележан од полицајците, откако минал крстосница возејќи на едно тркало. Според соопштението, возачот по својот „wheelie“ ги игнорирал сите обиди на полициските службеници да го запрат. Место тоа, мотоциклистот продолжил да јури низ австриската престолнина, на места возејќи побрзо од 100 километри на час.
По кусо време, возачот го оставил мотоциклот на едно паркиралиште, ги фрлил шлемот и нараквиците и побегнал трчајќи. Тоа не му успеало, затоа што на службениците не им требало долго време да го запрат неговото бегство.
Тој сега ќе одговара за најмалку 42 различни сообраќајни прекршоци, што ги направил во текот на осумминутното возење. Поради несовесниот начин на возење, тој загрозил двајца пешаци што ја минувале улицата на зелено светло. Покрај тоа, мотоциклистот осумпати минал на црвено светло, деветпати ја пречекорил дозволената брзина, а ќе одговара и за најразлични други прекршоци. Мотоциклот бил нерегистрирал, а според полициското соопштение, возачот не бил под дејство на алкохол или наркотици.
















