Mitsubishi со концепт на наследникот на ASX на салонот во Токио

Во концептот Mitsubishi EX од салонот во Токио беа вградени системите за автономно возење од компанијата-сестра Mitsubishi Electric. Јапонците веруваат дека нивните автономни системи ќе бидат водечки на пазарот

Mitsubishi денес го објави носечкиот новитет за претстојниот салон во Токио. Концептот eX го најавува изгледот на следната генерација на кросоверот ASX. Батериите во концептот испорачуваат енергија за 400 километри.

Јапонските марки деновиве како под диктат ги најавуваат новитетите за салонот во Токио, кој се одржува од 30-ти октомври до 8-ми ноември. Mitsubishi на салонот ќе го прикаже eX Concept, како најава за изгледот на идната генерација на кросоверот ASX. Во eX Concept е вградена последната технологија на електричниот погон со којшто располага јапонската марка – со автономија за 400 километри.

Радикални промени претстојат во изгледот на идниот ASX, со каросерија во стил на „shooting brake“ и со карактеристичниот изглед на предниот дел на возилото, според новиот дизајнерски говор на Mitsubishi, кој имаше „сериска“ премиера во неодамнешниот фејслифт на Outlander.

Новата генерација на кросоверот ASX ќе се појави со каросерија во стил на „shooting brake“, слично на Range Rover Evoque
Новата генерација на кросоверот ASX ќе се појави со каросерија во стил на „shooting brake“, слично на Range Rover Evoque

Посебен електромотор за предната и задната оска

Преку овој концепт, марката го најавува и електричниот погон што ќе го вградува во своите идни модели. Батериите со зголемен капацитет и подобрени перформанси се вградени во подот на возилото, каде што обезбедуваат ниско тежиште. Погонските електромотори вградени посебно во предната и задната оска имаат намалени димензии и тежина, што се надоврзува на настојувањето на инженерите на Mitsubishi да се обезбедат динамични возни својства.

Јапонците го следат трендот во браншата и во концептот eX ја имаат вградено последната технологија на автономно возење, заедно со нова генерација на инфо-системи и напредни системи за асистенција. Mitsubishi во тој поглед развива технологија што ја препознава можноста за настанување дефекти во возилото уште во најраната фаза и истите му ги пријавува на возачот преку инфо-системите во возилото.

Концептот на кабина „без средишен столб“ се враќа кај салонските автомобили

За пристап во кабината, дизајнерите се решија за концептот без средишен столб, со задни врати што се отвораат наназад и на тој начин го олеснуваат влегувањето и излегувањето од кабината. Нагласок на дизајнерскиот стил на „shooting brake“ е поставен со примената на материјали со различни бои за седиштето на возачот и седиштата на патниците.

Внатрешност во стил на каросерискиот концепт, со висок средишен гребен како кај спортските купе модели
Внатрешност во стил на каросерискиот концепт, со висок средишен гребен како кај спортските купе модели

Кокпитот е изведен со минималистички пристап, со средишен дисплеј за пристап до функциите на возилото и само неколку главни контроли под него, за ракување со климатизацијата и со погонската спрега. Во средишната конзола се полнат две батериски светилки, кои можат да се понесат со себе при истражувањето на средината.

Mitsubishi во концептот вградува и проекциски дисплеј, на кого што директно во видното поле на возачот се прикажуваат информациите за состојбата на патиштата, упатствата на навигацијата, предупредувањата што се добиваат преку комуникациската мрежа со другите возила и сигнализацијата од системите за асистенција во возилото.

Замената на класичните ретровизори со носачи за камера е следниот иновативен чекор во eX Concept, со монитори со висока резолуција вградени на краевите на кокпитот. Внатрешниот ретровизор исто така е заменет со систем од камера и дисплеј, со поширок и појасен приказ од класичниот ретровизор.

Покрај eX Concept, на штандот на Mitsubishi ќе бидат прикажани уште 5 примероци од хибридниот Outlander PHEV, реплика на рели автомобилот на база на Outlander PHEV од Баха Порталегре 500, специјална изведба на i-MiEV за одбележување 50-годишнина од првиот електричен автомобил на Mitsubishi, верзија на Pajero со дизел мотор со SCR-катализатор, Delica D:5 и eK Wagon, eK Custom и eK Space, како модели што се достапни само на јапонскиот пазар.

Технички податоци · Mitsubishi eX Concept
  • Должина x Ширина x Висина (mm)       4240 x 1780 x 1575
  • Седишта             5
  • Автономија (km)            400
  • Моќност на електромотор напред/назад (kW)              70 / 70
  • Капацитет на батерија (kWh)   45
  • Технологија на батерија            Литиум-јон
  • Погон   Twin Motor 4WD

Претходна објаваМото-марката BMW бележи рекорди: Преку 100.000 испораки до август
Следна објаваBridgestone произведува автомобилски пневматици од гуајули

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here