
Mitsubishi денес го објави носечкиот новитет за претстојниот салон во Токио. Концептот eX го најавува изгледот на следната генерација на кросоверот ASX. Батериите во концептот испорачуваат енергија за 400 километри.
Јапонските марки деновиве како под диктат ги најавуваат новитетите за салонот во Токио, кој се одржува од 30-ти октомври до 8-ми ноември. Mitsubishi на салонот ќе го прикаже eX Concept, како најава за изгледот на идната генерација на кросоверот ASX. Во eX Concept е вградена последната технологија на електричниот погон со којшто располага јапонската марка – со автономија за 400 километри.
Радикални промени претстојат во изгледот на идниот ASX, со каросерија во стил на „shooting brake“ и со карактеристичниот изглед на предниот дел на возилото, според новиот дизајнерски говор на Mitsubishi, кој имаше „сериска“ премиера во неодамнешниот фејслифт на Outlander.

Посебен електромотор за предната и задната оска
Преку овој концепт, марката го најавува и електричниот погон што ќе го вградува во своите идни модели. Батериите со зголемен капацитет и подобрени перформанси се вградени во подот на возилото, каде што обезбедуваат ниско тежиште. Погонските електромотори вградени посебно во предната и задната оска имаат намалени димензии и тежина, што се надоврзува на настојувањето на инженерите на Mitsubishi да се обезбедат динамични возни својства.
Јапонците го следат трендот во браншата и во концептот eX ја имаат вградено последната технологија на автономно возење, заедно со нова генерација на инфо-системи и напредни системи за асистенција. Mitsubishi во тој поглед развива технологија што ја препознава можноста за настанување дефекти во возилото уште во најраната фаза и истите му ги пријавува на возачот преку инфо-системите во возилото.
Концептот на кабина „без средишен столб“ се враќа кај салонските автомобили
За пристап во кабината, дизајнерите се решија за концептот без средишен столб, со задни врати што се отвораат наназад и на тој начин го олеснуваат влегувањето и излегувањето од кабината. Нагласок на дизајнерскиот стил на „shooting brake“ е поставен со примената на материјали со различни бои за седиштето на возачот и седиштата на патниците.

Кокпитот е изведен со минималистички пристап, со средишен дисплеј за пристап до функциите на возилото и само неколку главни контроли под него, за ракување со климатизацијата и со погонската спрега. Во средишната конзола се полнат две батериски светилки, кои можат да се понесат со себе при истражувањето на средината.
Mitsubishi во концептот вградува и проекциски дисплеј, на кого што директно во видното поле на возачот се прикажуваат информациите за состојбата на патиштата, упатствата на навигацијата, предупредувањата што се добиваат преку комуникациската мрежа со другите возила и сигнализацијата од системите за асистенција во возилото.
Замената на класичните ретровизори со носачи за камера е следниот иновативен чекор во eX Concept, со монитори со висока резолуција вградени на краевите на кокпитот. Внатрешниот ретровизор исто така е заменет со систем од камера и дисплеј, со поширок и појасен приказ од класичниот ретровизор.
Покрај eX Concept, на штандот на Mitsubishi ќе бидат прикажани уште 5 примероци од хибридниот Outlander PHEV, реплика на рели автомобилот на база на Outlander PHEV од Баха Порталегре 500, специјална изведба на i-MiEV за одбележување 50-годишнина од првиот електричен автомобил на Mitsubishi, верзија на Pajero со дизел мотор со SCR-катализатор, Delica D:5 и eK Wagon, eK Custom и eK Space, како модели што се достапни само на јапонскиот пазар.
Технички податоци · Mitsubishi eX Concept
- Должина x Ширина x Висина (mm) 4240 x 1780 x 1575
- Седишта 5
- Автономија (km) 400
- Моќност на електромотор напред/назад (kW) 70 / 70
- Капацитет на батерија (kWh) 45
- Технологија на батерија Литиум-јон
- Погон Twin Motor 4WD















