Во германскиот град Минстер, од 1-ви септември почнува нова услуга за превоз. Идејата е десетината минубуси, поточно возила London Taxi, да ги покријат деловите од градот што не се опфатени со јавниот превоз.
Корисниците на новата услуга за превоз во градот Минстер, во близина на Есен и Диселдорф, потребно е само да повикаат возило преку мобилна апликација и да добијат евтин превоз до деловите од градот што не се покриени со редовниот јавен превоз. Во исто време, за превоз се пријавуваат и други корисници од други места во градот. Посебно развиен софтвер ја пресметува најдобрата рута, за сите пријавени корисници да се превезат брзо и евтино до одредиштето. Чисто, исто така, затоа што London Taxi вози на струја.
Новата услуга е развиена и воведена во примена за само 90 денови, во соработка на градот со специјализирани компании за превоз по барање. Возилата сообраќаат во градските населби Хилтруп, Амелсбирен, Берг Бидел и Мекленбек, како и во неколку индустриски и деловни зони во градот. Нема точно одредени линии на движење и нема возен ред.

На пуштањето во работа присуствуваше и германскиот сојузен министер за сообраќај и дигитална инфраструктура Андреас Шоер. Регионалните власти на Северна Рајна Вестфалија го подржаа проектот со средства во висина од пет милиони евра. Предностите се во приспособливоста на превозот, во смалувањето од потребата за користење на сопствениот автомобил, а со тоа и во заштитата на животната средина. Градот исто така учествува финансиски во новата услуга за превоз, со над три милиони евра.
На Градот му било најважно да се задржи иста цена со обичниот превоз
Услугата се нуди меѓу 5 часот наутро до 2 часот наредниот ден. Се покрива површина од 40 километри квадратни, со 55.000 жители. Проектот во Минстер се вбројува меѓу најголемите од ваков вид во Европа. Во градот сообраќаат 11 возила London Taxi TX со шест седишта и со рампа за инвалидска количка. Станува збор за возила со приклучен хибриден погон, кои располагаат и со мал бензински мотор, што дејствува како генератор и произведува струја за погонскиот електромотор, во случај на потреба од подолги патувања.
















