Mini Countryman отсега вози со диодни светла како стандард, заедно со неколку измени во изгледот. Во кокпитот следат дигитални инструменти. Во техниката нема што да се додава: Плагин-хибридот постои веќе долго.
Во групацијата BMW останува и оваа традиција: Масовно освежување на понудата од модели во пресрет на летото. Минхен утрово го претстави новото моделско годиште на сериите 5 и 6, најави плагин-хибрид за X2, а сега доаѓа вест дека еден популарен модел на Mini исто така ќе вози освежен – Mini Countryman, редакцискиот миленик во раната фаза на електромобилноста во Македонија, по ланската еко-авантура на струја до сите излетнички места околу Скопје.
Испораките на овој „мини-макси“ ќе стартуваат во јули, кога Countryman ќе се појави со неколку благи промени во изгледот, со нови каросериски бои, нови дизајни на бандажите и нови материјали во внатрешноста, како и со збогатено ниво на опременост. На вкупно десетте моделски изведби, во ноември ќе им се придружи и основниот модел Mini One Countryman, со 1,5-литарскиот мотор од серијата 1 на BMW со 102 КС. На германскиот пазар, цената на оваа изведба изнесува 26.600 евра.
https://photos.app.goo.gl/fv2Q5QMKKw1nCsUG7
Новиот Countryman се препознава по диодните светла, кои сега се стандард, како и по задните светла со светлечка шема во стил на британското знаме. Во кокпитот пречекуваат дигитални инструменти, по пример на електричниот Mini Cooper SE, како и спортски волан и нови функции на инфо-забавниот систем, кој се поврзува со мрежата.
https://photos.app.goo.gl/pdKBwCYV3m8JvT6v6
Под хаубата нема промени. Сите мотори сега работат според Euro 6d и повеќето се комбинирани со осумстепен автоматик. Дијапазонот на моќност досега од 102 КС на „One“ до 220 КС во плагин-хибридниот Cooper SE Countryman All4. Погонот на сите тркала и натаму му дава дополнителна вредност на моделот во споредба со конкуренцијата.
Кус преглед на промените во новото моделско годиште на MINI Countryman:
https://photos.app.goo.gl/fTrh3Er1BYgpFyJ46
• Сменет изглед на предниот дел со нова форма на маската.
• Диодни светла и магленки како стандард.
• Преработен заден дел со диодни светла со шема по пример на британското знаме.
• Нови бои за каросеријата, нова опција пакет за каросериски детали во црна сјајна боја.
• Нови бандажи.
• Сите мотори исполнуваат Euro 6d.
• Повеќе модели стандардно поседуваат 8-степен Steptronic.
• Нов дигитален кокпит со опција за дисплеј од 5 инчи.
• Нов централен инструмент во црна сјајна боја како опција.
• Спортски кожен волан е сериски во сите изведби.
• Нова понуда од кожени пакети и дизајни за внатрешноста.
• Нова варијанта на MINI Yours Interior Style.
• MINI Connected со нови функции.
• Збогатена понуда од прибор на MINI.
https://www.instagram.com/p/CAsMihznUdn/
















