Свежи кабриолет и купе од одделението за уживање на Mercedes

Свежи кабриолет и купе од одделението за уживање на Mercedes
Свежи кабриолет и купе од одделението за уживање на Mercedes

По освежувањето на лимузината и комбито од Mercedes E-Class, следи истиот третман и за верзиите со две врати, за кабриолетот и купето. Кај овие изведби, најинтересна е една ознака, AMG E 53.

Со неколку мали промени во изгледот, кабриолетот и купето од E-Class влегуваат во новото моделско годиште. Промените најмногу се забележуваат напред. Познавачите ќе препознаат дека маската во споредба со претходникот е „превртена“. Во жаргонот на Славче Таневски, македонскиот дизајнер во Mercedes, тоа се води како „A-Shape“. Сменети се и предните светла, со таа разлика што сега се потенки. Задните светла исто така претрпеа неколку измени и користат строго диодна техника.

Внатре нема големи промени, но само во формите. Во поглед на материјалите, Mercedes вградува уште повисок квалитет, во комбинација со занаетчиско ниво на завршна изработка. Нови се украсните панели од дрво во сива воја со отворени пори, кои се врамени со алуминиумски лајсни.

Во освежените купе и кабриолет од E-Class се вградува и најновата генерација на мултимедискиот систем MBUX. Два големи дисплеи од по 10,25 инчи се стандард и создаваат ефект на „широк екран“ со тоа што се надоврзуваат директно еден на друг. Со доплата, пречникот на дисплеите расте на 12,3 инчи, односно 31 сантиметри.

https://photos.app.goo.gl/DkkgwESp2pn1feJb9

Уште една новина е „Urban-Guard-Paket“. Во зависност од нивото на пакетот, вклучени се аларм за провала и кражба, заштита од влечење со оптичко и акустично предупредување, сирена, надзор на внатрешноста што се активира при движење. Станува збор за комплетно обезбедување, меѓутоа главниот момент е тоа што сопственикот добива соодветна информација на апликацијата за телефон, кога се случува нешто со возилото.

Малата, но ефектна помош од „електромоторот“ прави возењето да биде порелаксирано – и поштедливо

Електрификацијата на погонската спрега во Mercedes е во тек веќе подолго време. Четирицилиндарскиот дизел во E 220 d со 194 КС првпат добива стартер-генератор и 48-волтна мрежа. Оваа замена за класичните анласер и алтернатор функционира краткотрајно како електромотор, при забрзување, користејќи ја енергијата во малата батерија што се полни при запирање. На тој начин се штеди гориво и се одземаат грами СО2 од емисијата, што Комисијата на ЕУ будно ги следи. Според фабрика, потрошувачката изнесува 5,6 литри. Екстра-моќноста од „електромоторот“ достигнува 15 kW (20 КС) и 180 њутнметри.

https://photos.app.goo.gl/8AZabhdLDrqndsfL8

Оваа погонска техника на благ хибрид функционира и во шестцилиндарскиот бензинец во E 450. Трилитарскиот мотор што е познат од CLS, S-Class и GLE добива екстра 16 kW и 250 Nm од стартер-генераторот. Фабриката за E 450 наведува просек од 8,5 литри.

Најсилниот степен на моторизација во AMG E 53 исто така ја користи оваа услуга. Неговиот трилитарец со двојно турбонаполнење и дополнителен електричен компресор доаѓа до максимални 435 КС и вртежен момент од 520 Nm, кои понатаму се пренесуваат до погонот на сите тркала 4Matic преку 9-степен менувач Speedshift.

https://photos.app.goo.gl/PZbGyGLNK86q1Px3A

Уживателите во спортското возење ќе се радуваат на функцијата на меѓугас и на прескокнувањето неколку степени на пренос при нагло забрзување. На тоа се надоврзуваат и петте програми за возење, со коишто може да се постигне широк дијапазон, од нагласено комфорно возење, до строго спортско дотерување за тркачка патека. E 53 стандардно поседува пневматска аморгизација AMG Ride Control, коешто се грижи за спречување на страничното и надолжното навалување на каросеријата. Спринтот до сто трае 4,6 секунди, крајната брзина традиционално е ограничена на 250 km/h.

https://photos.app.goo.gl/5g9aSBZ9w5DKspFJA

Во Мак Аутостар веќе ги имаат и цените за македонскиот пазар. Купето почнува од 59.990 евра за E 220 d со дволитарски дизел со 194 КС. Врвот секако му припаѓа на AMG E 53 со 435 КС, но и со цена од 99.990 евра. Кабриолетот во основа е поскап за околу десетина проценти. E 220 во отворената каросериска изведба чини 65.990 евра, додека во варијантата на AMG доаѓа до 105.990 евра. Фамозниот V8 од 4,0 литри и натаму останува резервиран за лимузината и комбито. E 63 AMG S со 612 КС, кај нас чини 149.990 евра.

https://photos.app.goo.gl/TPSkwKxHSZ33uX376

https://www.instagram.com/p/CAs1j9vJAQx/

Претходна објаваMini Countryman со свеж изглед, техниката поддотерана
Следна објаваGoodyear повторно е на небото

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here