Шефот на Daimler, Дитер Цече, планира Mercedes да стане водечка премиум марка до 2020 година. Но, експертите оценуваат дека целта ќе биде достигната четири години порано.
Mercedes може да ја постигне поставената цел да го презеде водството меѓу премиум марките уште во оваа година, место во 2020 година. Тоа е мислењето на повеќето пазарни аналитичари од автомобилската бранша. Според нив, Mercedes во текот на оваа година ќе ја зголеми продажбата за најмалку 8 проценти, додека кај конкурентите Audi и BMW се очекува зголемувањето да достигне најмногу пет проценти.
Кога Дитер Цече го презеде кормилото пред десет години, Mercedes беше практично марка за санирање. Оттогаш, сите потези беа на место и марката денес се наоѓа во најдобрата форма во историјата. Доколку во текот на оваа година се задржи трендот од лани, Mercedes до крајот на годината ќе продаде 2.008.800 возила, BMW ќе има нешто помалку од два милиона возила, додека Audi ќе биде на третото место со 1,9 милион продадени возила.

Кинескиот пазар е тој што носи најголема динамика во продажбата на марката со сребрената ѕвезда. За растот е особено значајно и тоа што во втората половина од годинава почнува продажбата на новата генерација на класата Е. Конкурентот BMW не може да му контрира на Mercedes во тој поглед. Audi го има новиот A4, но од друга страна, продажбата на марката во Кина повеќе не расте како порано.
Јануарската продажба на Mercedes е уште еден силен доказ дека марката може уште годинава да го преземе водството меѓу премиум марките. Mercedes во јануари продаде за 20 проценти повеќе возила на глобалниот пазар, односно дури 52 проценти повеќе возила само на кинескиот пазар. Друга предност на марката од Штутгарт е тоа што големи бројки се постигнуваат на слободниот пазар, додека Audi повеќе е присутен во продажбата на службени возила за државните институции.
















