Mercedes продава сонце за цела година со кабриолетот од C-Class

Во салонот на Mercedes повторно е раздвижено со пристигањето на шестата каросериска изведба во гамата на C-Class. Новиот кабриолет е досега најевтината можност да се вози „отворен“ Mercedes.

Марката со сребрената ѕвезда очигледно не сака да пропушти ниту една можност да го стави светот во возење под отворено небо во кабриолетот од C-Class, како шеста варијација во гамата на моделот од средната класа, покрај лимузината, комбито, купето, SLC и GLC. Понудата од моделски изведби за C-Class Cabrio стартува веќе со 1,6-литарец со 156 КС, со што Mercedes им овозможува на купувачите „ран“ влез во привилегираната лига на возачи на кабриолет од престижниот сегмент.

Mercedes C-Class Cabrio во салонот на Мак Аутостар

Како што проширувањето важи во основата на понудата, така важи и на врвот, со Mercedes-AMG C 63 S Cabriolet, со четирилитарски V8 со 510 КС и 4,1 секунди за спринт до сто. Не недостигаат ниту изведби со дизел мотор или дури и со погон на сите тркала 4Matic, ниту пак недостигаат можности за внесување личен печат во возилото, со веројатно дваесетината најразлични бои на ентериерот, 13-те дизајни на бандажи или четирите бои за платнениот покрив.

C-Class за првпат во историјата се појавува во отворена каросериска изведба со четири седишта, заменувајќи го E-Class Cabriolet како „основен“ кабриолет на Mercedes. Со овој чекор конечно се внесува ред во номенклатурата на кабриолетите во средната класа. Актуелниот E-Class Cabrio (А207) ја користи платформата од претходната генерација на C-Class, заедно со купето, а тој пак дојде на местото на моделите што дотогаш ги познававме како CLK Cabrio и CLK Coupe. Вистинскиот кабриолет од E-Class следува допрва.

Самостојна појава на кабриолетот, нема впечаток на C-Class со отсечен покрив

Тоа што се евидентира уште од прв поглед е дека C-Class Cabrio покажува неверојатна самостојност во појавата и не се идентификува само како C-Class со отсечен покрив, туку како динамичен и во исто време елегантен кабриолет, со впечатлив дух на премиум возило. Вообичаено за Mercedes, за кабриолетот од C-Class е достапен стилски и функционален пакет со печат од AMG, со кого што „светнува“ и каросеријата и ентериерот.

Mercedes C-Class Cabrio во салонот на Мак Аутостар

Во списокот од трикови за кабриолетот, покрај „воздушниот шал“ Airscarf, се придружува системот Aircap. Станува збор за ламела што по притискање на копчето се издвојува од горниот дел на ветробранот и се поставува како спојлер, за спроведување на воздушните струи над главите на патниците, додека во исто време зад седиштата се исправува „ветерната брана“, заради спречување на турбуленциите.

Меѓу опциите се наоѓаат климатизација за предните седишта, пневматска амортизација Airmatic како ексклузивитет на C-Class, активна контрола на подвозје Dynamic Select, сензорско поле за ракување со функциите на возилото како дополнување за централниот ротациски прекинувач, интернет контрола на возилото преку мобилна апликација, како и напредните системи за асистенција коишто се веќе претходно воведени во гамата на C-Class.

Кабриолетот ја наследува врвната аеродинамика на купето од Mercedes C-Class

Покривот на C-Class Cabrio е трислоен, со звучна и топлинска изолација, со него се ракува до брзина од 50 километри на час и истиот се отвора и затвора за 20 секунди. Кога покривот е подигнат, каросеријата поседува коефициент на отпор на воздух 0,28, што е за 0,02 послабо од купето, но во секој случај е далеку подобро од конкуренцијата. Кабриолетот е околу 125 килограми потежок од лимузинската C-Class, при што приближно половина отпаѓа на покривот, а остатокот на зајакнувањата на каросеријата.

Наскоро следува уште еден член во семејството на C-Class, купе изведбата од GLC. Таа веќе има причина да се третира и како „домашна“ премиера.

[FAG id=25283]

Претходна објаваСингапур го доби првиот такси превоз со роботизирани автомобили
Следна објаваЕден милион продадени примероци од Lexus IS

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here