Со продажните резултати од првите два месеца од годинава, марката Mercedes ја задржува предноста во однос на BMW. Разликата може да продолжи да се зголемува, покрај трипати поголемиот раст во продажбата на марката со сребрената ѕвезда наспроти конкурентот од Минхен. Стартот на серијата 5 сепак им влева нови надежи на стратезите на BMW.
Со почетокот на продажбата на новата генерација на серијата 5, BMW во февруари продаде повеќе возила во споредба со истиот месец лани. Вклучувајќи ги марките Mini и Rolls-Royce, групацијата ја зголеми продажбата за 3,1 проценти, на преку 169.000 возила, што се должи првенствено на зголемената побарувачка на пазарот во Кина. Ривалот Audi моментно се соочува со проблеми на најголемиот автомобилски пазар во светот. Тоа помогна BMW во февруари ја зголеми продажбата во Кина за 11 проценти.
Концернот Daimler во минатиот месец продаде 168.000 возила од своите автомобилски марки Mercedes и Smart, но во директна споредба на носечките марки на обата концерна, Mercedes е во предност во однос на BMW, со 153.862 продадени возила наспроти 147.789 возила на конкурентот од Минхен. Сметано за првите два месеца од годинава, Mercedes повторно е во предност. Тоа што повеќе им задава главоболки на стратезите на BMW е трипати повисокиот раст на продажбата на Mercedes. Додека сино-белата марка од почетокот на годинава порасна за околу пет проценти, Mercedes во истиот период забележа пораст од 16,8 проценти.
https://automedia.mk/objavi/27378
Најголем пораст во продажбата постигнуваат теренските модели X1 и X5, како и серијата 7. Моделите со плагин-хибриден и електричен погон имаат двојно зголемена продажба од почетокот на годинава, со близу 10.000 возила. Нов поттик во овој сегмент се очекува со стартот на продажбата на BMW 530e, како и на хибридниот Mini Cooper Countryman.
















