Opel веќе функционира како марка на PSA. Во европските салони на марката почнува да пристига Crossland X, којшто е развиен врз заедничка платформа со Французите и на когошто наскоро ќе му прави друштво техничкиот близнак Peugeot 2008 во новата генерација. Сите мотори потекнуваат од француската групација, вклучувајќи ги и дизелите. Цената е за околу дваесетина проценти под Mokka X.
Големата моделска офанзива „7х17“ на Opel е во полн ек, со најавените седум новитети до крајот на годинава. По знаменосецот Insignia Grand Sport и за западноевропскиот пазар многу позначајната комби изведба Sports Tourer, како и електричниот Ampera-e, марката под знакот на молњата сега го објавува и почетокот на продажбата на кросоверот Crossland X. Моделот пристига на местото на ванот Meriva и е прв модел што Opel го претставува како резултат од соработката со францускиот PSA – во меѓувреме и новиот концерн на когошто му припаѓа Opel.
Основата што Crossland X ја дели со идната генерација на Peugeot 2008 се покажува во моторите. Трицилиндарските бензинци потекнуваат од актуелната понуда на француската марка, со заеднична работна зафатнина од 1,2 литар и моќност од 81 КС во основната изведба, односно 110 КС во изведбата со турбонатполнење и директно впрскување на горивото. Последнава е достапна во три варијанти, вклучувајќи ја најштедливата Ecotec, со просечна потрошувачка од 4,8 литри на сто километри и варијантата со шестстепен автоматски менувач, покрај основната. Овој мотор се одликува со максимален вртежен момент од 205 њутнмњетри, којшто е достапен веќе при 1.500 вртежи.
Врв во бензинската понуда е 1.2 Turbo во верзија со 130 КС и вртежен момент од 230 њутнметри при 1.750 вртежи. Со шестстепен мануелен менувач, оваа погонска изведба на Crossland X постигнува крајна брзина од 206 km/h и забрзува до сто за 9,1 секунди.
Дизелите исто така потекнуваат од регалот на PSA. На располагање стојат 1.6 Diesel со 99 КС и вртежен момент од 254 Nm, верзија од овој мотор со старт-стоп и посилна верзија со 120 КС и 300 њутнметри. Со шестстепен мануелен менувач, најсилниот дизел постигнува меѓузабрзување од 80 до 120 km/h за 10,6 секунди, додека крајната брзина изнесува 186 km/h. Ознаката CDTI повеќе не се користи, исто како и ознаката Ecoflex за најштедливите изведби. Место тоа следува веројатно Turbo D, односно Ecotec.
Opel ги објави и цените за германскиот пазар. Ценовникот стартува од 16.850 евра за бензинецот со 81 КС и основно ниво на опрема. Дизелот стартува од 19.300 евра. Изведба со погон на сите тркала не е предвидена за Crossland X, тоа е „специјалност“ на Mokka X, чијашто цена е за околу 3.000 евра повисока во споредба со новиот кросовер.
















