Штутгарт ја најавува новата E-Class како „бизнис иконата“ на Mercedes-Benz. Доколку дигиталната светска премиера ја следат сите сопственици што активно ги користат своите историски W123, W124, W210, па сé до тековната W213, само тие ќе претставуваат десетмилионска публика. Толку е значаен автомобилов што сосем извесно е последен E-Class во кој сé уште работат мотори со внатрешно согорување.
Генерацијата W214 целосно е развиена од ново и Штутгарт вели дека таа претставува мост меѓу традицијата и иднината. Во последниот вторник од месец април, на 25-ти април, во 17 часот, светот ќе ја види преку дигитална премиера новата генерација на Mercedes E-Class.
Засега нема објава на нови детали околу иконската лимузина, освен најава дека „таа е предводничка за марката со ѕвездата на патот кон ултимативно дигитално доживување на луксузот.“ Внатрешносста и новите функции што ќе стојат на располагање, беа објавени уште пред извесно време.
Во најновото издание на најважниот модел на Штутгарт , перформансите се „дигитални“, а погонската спрега е напредна
Новата E-Class го соединува единственото „чувство на дома“ што клиентите го обожуваат веќе со децении, со нова димензија на неосетно интегриран, дигитален луксуз. Напредни технологии го претвораат новиот модел во најинтелигентна и најперсонализирана E-Class во долгата историја на моделот. Приклучниот хибриден погон ќе биде мошне застапен низ гамата, исто како што се подразбира дека и сите останати моделски изведби ќе користат благ хибриден погон.
Историјата од ново: Mercedes ја прикажува внатрешноста на новата E-Class
















