Коњските сили и секундите станаа неважни во сегашниот степен на развој на автомобилизмот. Mercedes-Benz веќе вообичаено ги најавува новите моделски генерации почнувајќи од внатрешноста, затоа што таму се најголемите иновации. Не станува збор ниту за копчиња или шарени светилки, туку се зборува за вештачка интелигенција, услуги, поврзување.
Првото што Штутгарт има да му го соопшти на светот за новата генерација на една од најважните автомобиски серии во светот, за E-Class, гласи вака: „Клиентните и клиентите можат во новата E-Class да се радуваат на особено силно и разновидно доживување на забава“. Mercedes-Benz направи музиката, игрите и содржините што се пренесуваат во возилото по пат на стриминг, да се доживуваат со речиси сите сетила.
Се зборува за дигитални иновации што E-Class ја прават поинтелигентна. При премиерата ќе се дознае и за новата димензија што ја најавува Штутгарт, во поглед на персонализацијата и интеракцијата. Многу функции се засноваат врз напреден софтвер. Со текот на времето, во возилото ќе може да се вчита обновен софтвер, со нови функции и подобрено користење, слично како при симнување нова апликација за мобилен телефон.
Сите компјутерски операции отсега се вршат во еден и единствен компјутер. Досега се користеа безброј компјутери, секој со различна функција и софтвер. Дисплеите во возилото и функциите на системот за инфо-забава MBUX отсега се управуваат преку единствениот компјутер. Секако дека станува збор за сметач со досега незамисливи перформанси, во автомобилски стандарди. Се обработуваат повеќе податоци, побрзо.
За новата E-Class ќе се нуди пакет за инфо-забава (MBUX Entertainment Plus), којшто ги вклучува и услугите на Mercedes me connect. За некои пазари ќе се вградува комуникациски модул со 5G, што ќе овозможи неспоредливо повисок пренос на податоци, отколку со LTE/UMTS.
Прво ќе биде претставена лимузината. Испораките во салон ќе започнат налето, а во текот на есента треба да започне и продажбата во САД.
Музиката станува видлива: Визуелизација на звукот
Преку активното амбиентално осветлување со визуелизација на звукот, патниците ќе можат музиката да ја доживуват со три сетила: Музиката ќе може да се слуша (опција е Dolby Atmos), чувствува (преку опционалниот Burmester 4D‑Surround-Soundsystem), а по ново ќе може и да се види. Тоа ќе се врши преку светлечката лента од активното амбиентално осветлување, што исто така е опција. Таа лента во новата E-Class се протега по целата ширина на кабината.
Новиот софтвер се огледува и преку подршката за надворешни апликации. На средишниот дисплеј може да се повикаат содржините на TikTok, играта Angry Birdsdie, Webex, како и видеоконференциската апликација Zoom.
Преку забавниот портал Zync се добива и видео стриминг, платени видео содржини, интерактивни функции, локални видео програми, спорт, вести и уште бројни содржини.
Уште една новина е камерата за селфи и за видео, како дел од опцијата
MBUX Superscreen. За ракување со системот MBUX повеќе нема потреба прво да се кажува „Еј, Мерцедес“, за тој да се вклучи.
Вештачката интелигенција ќе учи рутини. Тоа што возачот секогаш го изведува во возилото, софтверот на E-Class го учи и на тој начин може одредени функции да се автоматизираат. Тоа важи, на пример, за вклучување на греењето на седиштата и пуштање портокалова боја во амбиенталното осветлување, секогаш кога температурата во кабината ќе се спушти под 12 степени Целсиузови.
Најнова функција на прочуениот Energizing Comfort е програмата против мачнина при возење. Во истата насока продолжуваат и отворите за проветрување во арматурната табла, што се насочуваат автоматски во потребниот правец.
За техниката ќе следи посебно поглавје, Штутгарт засега не открива ништо во тој поглед.
















