Liqui Moly е меѓу најпознатите брендови на автомобилската сцена. Од тоа што менаџерот Зоран Дочински го кажа на дилерската средба, излегува моќен заклучок: „Заедно со адитивите, нашите моторни масла имаат потенцијал да ги зачуваат возилата што луѓето тешко ги заработуваат“.
Производите не доаѓаат сами до полиците во продавниците и до дигалките во сервисните работилници, туку некој се погрижил за тоа да се случи. На покана од Liqui Moly Македонија, имавме чест да присуствуваме на дилерската средба што се одржа во скопскиот хотел DoubleTree by Hilton. Интересни предавања и излагања на регионалниот менаџер Сабахудин Шерифовиќ и на сосопственикот на македонскиот дистрибутер Зоран Дочински, за не толку едноставниот начин овие специфични производи да се пласираат на нашиот пазар.
Германската марка моторни масла и адитиви Liqui Moly е присутна на македонскиот пазар близу две децении. Во јануари 2021 година е отворено ново поглавје во работењето со Liqui Moly, коешто секако дека претставува напредок во споредба со досегашното присуство, кога производите се нудеа како дел од широкото портфолио на познатата компанија Аутомакедонија.
Оваа промена со издвојувањето на Liqui Moly Македонија како посебна компанија, во својство на ексклузивен дистрибутер, со двајца македонски основачи, претставува токму специјализирање за работа со производите на компанијата од германскиот град Улм, на реката Дунав.

Посебната стратегија како независен дистрибутер е скроена умешно уште пред новиот старт на Liqui Moly на нашиот пазар. Менаџерот Зоран Дочински зборува за тие почетоци: „Сакавме да внесеме новина, за тоа да не биде обичен континиуитет, и првпат во Македонија го донесовме вториот бренд на Liqui Moly. Тоа е Meguin, којшто исто така нуди апсолутно врвен квалитет на масла и адитиви, со тоа што разликата во цената се движи од 10 до 15 проценти.“
Уште во првата година е создадена мрежа од 120 клиенти, коишто вклучуваат продавници за резервни делови, дистрибутери и сервисни работилници, на речиси целата територија на Македонија.
Производите на Liqui Moly се мошне „видливи“, преку посебен вебсајт на македонски јазик, каде што редовно се објавуваат нови содржини поврзани со производите и активностите на Liqui Moly. Тоа што посебно го издвојува Дочински е „директната врска до најпрактичната алатка за избор на масла, Oil Guide-от, којшто е лесен за користење и ги покажува сите масла и сите спецификации на масла коишто се бараат за секој модел на автомобил посебно.“ Овој детален водич за избор на моторно масло, но и за сите други масла во возилата, наидува на општа примена, затоа што „секој може да најде каква спецификација на масло е потребна за неговиот автомобил.“ Секако дека марката има своја профилна страна на фејсбук, а се почнува и со објавување видеа на јутјуб, за коишто се води сметка да бидат преведувани на македонски јазик.
Тоа што во меѓувреме бројни сервисни објекти и продавници „никнаа“ во боите на Liqyi Moly е уште една активност на компанијата во својата „пионерска“ година. Како што објасни Дочински, тие бесплатно вршат брендирање на објекти во заштитните бои и знаци на Liqui Moly, што дава еден дополнителен имиџ на самите објекти, односно го рекламираат и самиот објект. Во скоро време е можно и неколку станици за точење гориво да осамнат во боите на Liqui Moly.

За тоа да може да се оствари, секако дека придонесува и глобалниот имиџ на Liqui Moly, којшто е присутен како спонзор во речиси сите видови мотоспорт, па дури и во боб-санкање. Тоа би можело да се нарече дека е типичен германски начин на „корпоративно размислување,“ кога присуството во мотоспортот се користи за сцената да се увери во квалитетот на производите.
Клучот на мотоспортот се свртува и во Македонија. Компанијата во минатата година учествуваше во спонзорирањето на македонската тркачка ѕвезда Игор Иџе Стефановски, во неговите настапи на европското првенство во ридски трки. Иџе беше редовно присутен и на настаните што се организираа за промовирање на производите.

За цените на маслата и адитивите, Дочински кажа: „Liqui Moly никогаш не бил бренд којшто ќе се бори да биде најевтин. Тоа е нешто сосем друго, треба да ја подигнеме свеста за брендот и луѓето да сфатат дека нашиот бренд, со целата низа продукти, не е најевтин, но затоа е меѓу најквалитетните.“
Хајлајтот на целиот настан: „Заедно со адитивите, нашите моторни масла имаат потенцијал да ги зачуваат возилата што луѓето тешко ги зарабортуваат. Ако тие штедат на масло од 100, 200 или 300 денари, тоа може да им се врати неколукратно во негативна насока,“ заклучува Дочински.
Liqui Moly за моторот да се исчисти, подмачка, зачува
Стратегијата на новиот менаџмент на германскиот бренд во првата година вклучи бројни акции, кампањи, според принципот на „дајте луѓето да пробаат“. Во таа смисла, со секое продадено пакување масло од 5 литри, во одреден период следеше гратис адитив за бензин или дизел, како едни од најпопуларните производи.
Во смисла на цената на производите, директорот порачува. „тоа не е трошок, туку е инвестиција во зачувување на вредноста на возилото“. Токму во таа насока се движеше и смислата на рекламниот слоган што честопати се пушташе по тв-каналите лани, „почувствувајте ја разликата“.
„Не сме најевтинни, но затоа нудиме дополнителна вредност“, ги познава своите производи Дочински
Има поттик и за дилерите. За најуспешните дилери лани беше организирано наградно патување во Германија, на Октоберфест во Штутгарт.
Liqui Moly Македонија во својата прва година оствари околу 508.000 евра промет, што претставува раст од 10% во споредба со пазарот една година пред основањето на новата компанија.

За тековната година, менаџерите планираат да се постигне пораст од 15 проценти, што би значело промет во висина од 534.000 евра, „тоа е минимумот којшто треба да го направиме.“
За тоа да се постигне, во план е проширување на асортиманот, што значи дека во продавниците ќе бидат достапни повеќе производи од вкупно 4.000 во понудата на компанијата.
„Една од најчестите причини за тоа што настануваат проблеми кај возилата и моторите е тоа што им се става несоодветно масло“, кажуваат од Liqui Moly Македонија
Бројот на сервиси што користат моторни масла и други работни масла исто така ќе се зголемува. Нагласок се става на адитивите, „за разлика од периодот пред 15 или 16 години, кога никој не сакаше да зборува за тоа да купи адитив, што сега преставува сосем вообичаено нешто,“ се сеќава директорот.
На возачките и возачите, на компаниите со големи возни паркови, сепак им се нуди нешто што е во нивна корист
Дочински припомни за далечните времиња, кога „сите зборуваа дека нема шанси луѓето да купуваат адитиви“. Имало начин: Тој осмислил кампања, за на крајот на месецот, дилерите да имаат заработка од 1 евро за секој продаден адитив. „Уште во првиот месец ми пристигна извештај дека биле продадени 250 адитиви“.

Во време кога поскапуваат горивата, сервисирањето, општо растат трошоците, операторите на големи возни паркови обично ги избираат маслата со најниска цена, во смисла „ќе завршат работа“. Дочиски кажува поинаку: „Што ако ви кажеме дека можете да инвестирате малку повеќе во суперквалитетни производи, а на крајот пак да заштедите.“
Во една мошне обемна презентација, беше прикажан пример од секојдневието, кога флотен оператор избрал место најевтиното масло за 132 евра, да користи моторно масло Liqyi Moly, за трикратно повисока цена, за 383 евра, а на тоа плус биле додадени адитив за плакнење на моторот, адитив за намалување на абењето, како и адитив за гориво, што вкупно достигнало цена од 518 евра по камион.

На крајот, шпедитерот сепак постигнал заштеда, затоа што маслото и сите адитиви, помогнале потрошувачката на гориво да се смали за 5 проценти. Според тоа, место 45.000 литри дизел, камионот за една година потрошил 40.000 литри дизел – односно 2.111 евра во корист на сметката на компанијата. Таа вредност важи за само еден камион. Во случај, возниот парк да се состои од 100 камиони, вкупната заштеда ќе изнесува 200.000 евра на годишно ниво. Дополнително на тоа, се поштедува и моторот, односно се продолжува неговиот век на траење.
Најдобрите вести, во овој случај секако дека доаѓаат на крајот: „Сакаме да пораснеме за 15 проценти, дали е тоа реално ќе ни покаже трендот, а тој покажува дека првиот квартал го завршуваме со 32 % подобри резултати од ланските“, ја соопшти важната вест Дочински.
За завршница на настанот им беа доделени плакети на најдобрите дилери во првата година работа на Liqui Moly Македонија. Едно мошне пријатно и корисно искуство, да се посведочи за вакви успеси, во времиња кога тв-дневниците и тоа што следи по нив, единствено шират фрустрации.
















