Mercedes-Maybach 6: Повеќе луксуз планетата не поднесува

Mercedes се повикува на својата хиперлуксузна марка Maybach и покажува дека и иднината на автомобилите се одредува таму кадешто и започна целата авантура на четири тркала пред 130 години.

Секој август во калифорнискиот Пебл Бич се собира светската елита на колекционери на олдтајмери. Mercedes секако дека не го пропушта настанот и годинава пристига со премиера на Vision Mercedes-Maybach 6. Концепот на купе од луксузната класа ги пренесува славните времиња на „аеро-купеата“ на Maybach во иднината.

Местметарскиот Vision Mercedes-Maybach 6 користи погон од електромотори со системска моќност од 750 КС. Ниските акумулатори се вградени во подот и овозможуваат повеќе од 500 километри досег. Големото купе ја имаше својата премиера на Неделата на автомобилите во Монтереј, а кулминацијата ќе следи на 21-ви август, на „Натпреварот во елеганција“ на Пебл Бич.

Каросерискиот дизајн ги почитува принципите на класичните автомобили

Сосема е јасно дека акцентот кај овој автомобил на суперлативите е ставен на дизајнот. Мазните и чисти форми, заедно со формата на крилата којашто веројатно е „позајмена“ од некое диво животно, создаваат контраст со прецизниот раб по целата должина на Vision. Оваа таканаречена карактерна линија се провлекува од маската до самиот опаш. Долу веќе се покажуваат мускулите на купето, давајќи му спортски изглед. Целата оваа игра станува уште подинамична со бојата „мајбах-ред“, како и со хромираните лајсни на горниот раб на крилата, во средината на хаубата и на задниот капак.

Vision Mercedes-Maybach 6

Важен детал секако е маската, којашто дава посебен печат на носот на возилото со фините и вертикални пречки. Дизајнерите ја пронашле инспирацијата за тоа во костумите на штрафти. Во Vision Mercedes-Maybach 6 повторно се среќаваат аеро-бандажите од Concept IAA од салонот во Франкфурт, со транспарентен панел во боја на каросеријата, низ кого што се наѕираат краците на 24-инчните алумниниумски бандажи.

Вниманието отстрана го привлекуваат крилестите врати, како типичен дизајнерски елемент на Mercedes, кои во овој случај го нагласуваат спортскиот карактер, придружени од алуминиумски маски. Ретровизорите се заменети со камери, поставени на „крила“. Како што доликува за купе, дизајнот кулминира во опашот, чијашто форма е изведена во стилот на луксузна јахта. Тесните задни светла дополнително ја нагласуваат ширината на Vision. Задното стакло е дводелно, во традиција на Maybach, а сликата ја комплетираат дифузор со алуминиумска рамка и отворите за воздух зад поткрилата.

Иновативни материјали во внатрешноста за класично доживување на луксузот

Споре дизајнерите, внатрешноста е синтеза на интелигенција и емоција, со спој на традиционалните вредности на Mercedes и висока технологија. Таблата со инструменти се прелева во облогите во вратите, посредувајќи „360-степенско чувство“ на седење во салон. Фин детал е обработката на површините „inside-out“. Седечката површина создава хоризонтала што преоѓа во вертикалата на вратите и на крајот оздола во крилото на таблата со инструменти.

Vision Mercedes-Maybach 6

За нагласок на луксузот се користат автентични материјали и бои, како розево-златна. Комплетно кожениот ентериер во делови е осветлен во „студени“ бои, заради укажување на дигиталните иновации во возилото. Врвните стилисти и техничари на Mercedes си поиграле со „хипераналогни“ инструменти, стаклена лента по цела должина на којашто се прикажуваат најразлични информации, ветробран што служи како дисплеј и управување со функциите на возилото преку гестикулација.

Посебен момент се сензорите вградени во седиштата, коишто ги надгледуваат виталните функции на патниците и по потреба активираат климатизација во седиштата или масажа. Сензорите „знаат“ и за тоа колку денот е сончев или облачен, ја отчитуваат бојата на облеката и температурата во средината, за врз основа на овие информации да се создаде соодветна емотивна армосфера во кабината.

750 КС се сосема доволни: Уште подобро кога доаѓаат од електромотори

Уште во диодните ленти отстрана се препознава дека станува збор за електрично возило. Четири компактни електромотори обезбедуваат погон на сите тркала и моќност од 750 КС. Батериите се ниски и вградени во подот, со капацитет од 80 киловатчасови. Вака подготвен, Vision Mercedes-Maybach 6 спринтува до сто за помалку од четири секунди, брзината е лимитирана на 250 km/h, а досегот може и да надмине 500 километри.

Дел од футуристичката техологија е можноста за брзо полнење на батериите. Со полнење на еднонасочна струја врз основа на стандардот CCS, системот овозможува капацитет на полнење до 350 киловати. Тоа значи дека за само пет минути може да се наполни доволно струја за дополнителни сто километри пат. Индуктивното полнење на батериите е веќе „стара приказна“.

Со спектакуларни пропорции (должина 5,7, ширина 2,1 и висина 1,33 метар), Vision Mercedes-Maybach 6 е првото луксузно купе во серијата визионерски студии на Mercedes. Серијата ја стартуваше Vision EnerG‑Force на салонот во Лос Анџелес во ноември 2012, потоа следеа AMG Vision Gran Turismo (Санивејл, 2013) и Vision Tokyo (2015).

[FAG id=25217]

Претходна објаваVolvo ќе произведува, Uber ќе купува автомобили без возач
Следна објаваКласичен двобој во некласична режија на Honda: Две против четири тркала

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here