за

Mercedes GLC: Теренски работник во свечен костум

Mercedes има нова генерација на теренецот од класата C. Карактеристичните остри црти се заменија со заоблени форми, а конечно има и повеќе простор на задната клупа и во багажникот. Има уште многу ново.

Мoделот G на Mercedes е легенда меѓу теренските возила. Теренот е впишан во гените на рустикалниот и робусен автомобил што подеднакво добро прилега пред опера и среде шума: G доаѓа од Geländewagen, односно од теренски автомобил. Идејата со дизајнот и именувањето на теренецот од средната класа беше купувачите да добијат асоцијации на теренецот меѓу теренците, на Mercedes G. Острите линии на каросеријата на GLK недвосмислено укажуваа на роднинската црта со оригиналниот G. Автомобилот пристигна на пазарот долго по BMW X3, но се снајде брзо. Единствениот проблем: Ограничен простор на задната клупа, а и багажникот не нудеше простор колку што купувачите очекуваа од возило во оваа класа. Во поглед на возните својства на терен, никој не очекуваше GLK да го следи G во чекор. За тоа никој не забележуваше, а уште помалку го бараше.

Повеќе простор за патниците и за багажот во новиот Mercedes GLC

Работите се сменија со новиот GLC. Со должина од 4,7 метри, наследникот на GLK е 12 сантиметри подолг, а се зголеми и ширината. Тоа конечно треба да донесе повеќе простор на задната клупа, со доволно слободен простор над главата и пред колената. Багажникот порасна на 550 литри, а задната клупа се соборува со само еден потег и создава товарен простор од 1.600 литри. Во кокпитот, дизајнерите се послужиле со екстраширока средишна конзола, со дебели врати и со инструменти што го обиколуваат возачот, во намерата да го посредуваат типичното чувство на седење на безбедно во Mercedes.

Mercedes GLC Тоа што ќе го карактеризира Mercedes GLC во споредбата со Audi Q5 и BMW X3 е комфорната амортизација. Во прилог на тоа оди и пневматската амортизација којашто се нуди како опција за околу 2.200 евра. Инженерите ветуваат дека GLC ќе ги вози своите патници комфорно и релаксирано, без притоа да се жртвуваат возните својства и управливоста, особено ако се има на ум дека возилото тежи само малку под два тона.

При избирање на опциите од списокот на дополнителна опрема ќе се наиде на климатизирани седишта, со греење и проветрување. За комфорот во возењето секако ќе придонесува и деветстепениот автоматски менувач, којшто е стандард во сите моделски изведби во почетокот на комерцијализацијата на Mercedes GLC. Според „новата“ традиција на марката, рачката на менувачот е поставена на столбот на управувачот место долу во средишната конзола. Постои можност со степените на менувачот да се ракува и преку палките на воланот.

Комфорната пневматска амортизација е заштитен знак на GLC – ако се доплати за неа

Колку што опционалната пневматска амортизација се грижи за комфорот на патниците, толку се грижи и за возните својства на терен. По желба на возачот, возилото може да се подигне за дополнителни пет сантиметри од подлогата, што е голема предност во споредба со конкурентите. Блокади на диференцијалите или теренска редукција не може да се очекува во GLC, но затоа се добиваат солидни вредности на аглите на пристап, на рампа и на заминување, исто како и способност за искачување нагорнина до 80 проценти, односно 36 степени. Секако дека возачот може да избира и меѓу неколку претходно конфигурирани програми за возење по терен, во коишто електронските системи и самата контрола на погонската спрега се префрлуваат во најоптимална работа според условите на теренот.

Mercedes GLC Во почетокот, Mercedes GLC ќе се нуди во три варијанти на мотор, секогаш во комбинација со погон на сите тркала. Основен дизел е GLC 220d 4Matic со 170 КС, потоа следи GLC 250d 4Matic со 204 КС, додека единствен бензинец засега е GLC 250 4Matic, со турбонатполнење и 211 КС. Подоцна во понудата ќе се вклучат хибриден модел со надворешно полнење – GLC 350 e 4Matic, со системска моќност од 320 КС и досег од 34 километри на струја.

Сериската опременост не остава простор за поплаки, со автоматски клима уред, темпомат, приспособлива амортизација, електрика за предните седишта, радио и блутут. Вообичаено богата понуда следува и во списокот на дополнителна опрема, каде што купувачите најчесто ќе ги избираат диодните светла, системите за навигација или темпоматот со автоматско одржување растојание од возилата напред. Тоа што би можело да следува како стандард е електрика за задниот капак, којашто новиот Audi A4 Avant ја нуди како дел од сериската опременост. Исто како кај класата C, резервоарот кај верзиите со дизел мотор има малечок резервоар од 50 литри. Со доплата од околу 60 евра може да се добие нормална големина со зафатнина од 66 литри.

Верно на традицијата, Mercedes нуди специјална серија Edition 1 при комерцијализацијата на новиот GLC. Освен со ексклузивни детали во кабината, серијата доаѓа со пакет каросериски додатоци AMG Line Exterieur, со бандажи од 20 инчи, спортско подвозје, двоен издув, затемнети задни стакла и украсни делови од полиран алуминиум. Продажбата на Mercedes GLC стартува во септември, по цена од 44.863 евра за германскиот пазар за GLC 220 d 4Matic и 44.506 евра за GLC 250 4Matic.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi Q7 ќе излегува од фабрика со гуми Toyo

Seat го прекина производството поради штрајк на добавувачот на седишта