За првпат во една година се произведени над 20.000 примероци од класичарот меѓу теренците, Mercedes G-Class. Оваа легенда има претрпено бројни преправки низ годините, но во основата останува верна на оригиналот од 1979 година. Пензионирањето уште не доаѓа в предвид за еден од малкуте преостанати теренци од цврст ков, покрај Lada Niva.
Од погоните на Magna Steyr во австрискиот Грац излезе дваесетилјадитиот примерок од Mercedes G-Class. Јубилејниот примерок е бел Mercedes-AMG G63, доработен со ексклузивните ставки од „designo manufaktur“, одделението за специјални нарачки. За првпат во историјата, оваа легенда што не ја уништуваат ниту теренот, ниту времето, годинава ќе се произведе во повеќе од 20.000 примероци.
Според Гунар Гитенке, шеф за теренските возила на Mercedes, „индивидуализацијата и техничкото усовршување на G-Class се заслужни за големиот успех на иконата меѓу теренските возила, којашто не признава компромиси на теренот.“ Не само што G-Class се произведува во истата форма, туку и дел од персоналот во Грац работи на моделот уште од почетокот на неговото производство во 1979 година.
Во изминатите 37 години се произведоа над 250.000 примероци од „Geländewagen“.
















