Седма година во низа, Mercedes-Benz ја потврдува водечката улога, како единствена европска марка и единствена луксузна марка од автомобилската бранша што се наоѓа во Топ 10 на најдобрите 100 „Best Global Brands“. Сегашната вредност на марката Mercedes-Benz изнесува 56,103 милијарди американски долари.
Тоа што Mercedes-Benz го презема во насока на електрификацијата на својата понуда од модели и посветеноста на примена на напреден софтвер, очигледно им вреди на аналитичарите од Interbrand, коишто секоја година проверуваат колку се сменила вредноста на највредните компании во светот. Марката од Штутгарт годинава вреди 10% повеќе од лани.
Трансформацијата на Mercedes-Benz се случи лани, откако товарните возила и автобусите се издвоија во посебна компанија, како Daimler Truck. Оттогаш, Штутгарт притиска уште повеќе на луксузот и ексклузивноста. Секако дека новата стратегија ќе му носи и повеќе профит на Mercedes-Benz.
Како што е посочено во денешното соопштение оттаму, „Mercedes Benz тежнее да ги прозиведува најценетите возила во светот и да преземе водечка позиција во електричниот погон и во софтверот во автомобилите.“ Во мај годинава беше објавено како Штутгарт ќе ги води своите модели, односно беа формирани три категории на луксузни возила – основен луксуз (A-Class), полн луксуз (E-Class) и ексклузивен лускуз (S-Class, Maybach).
Уште една клучна стратешка определба е преоѓањето на целосно електрична понуда од модели по 2030 година. На пазарите што уште бараат класичен погон, Mercedes-Benz ќе продолжи со мотори со внатрешно согоривање. Целта е до 2039 година сите активности на компанијата, од производство, до продажба и рециклирање, да бидат неутрални во поглед на емисијата на СО2. Лускузот во иднина оди рака под рака со одржливост.
Mercedes-Benz е највредна луксузна марка, Toyota е две места погоре како највредна големоволуменска автомобилска марка
Бетина Фецер, главна комуникаторка и маркетинг шефица на Mercedes Benz AG, кажува: „Новото пласирање на Mercedes Benz на осмото место и двоцифрениот раст во вредноста на марката, на повеќе од 56 милијарди американски долари, се потврда за нашиот стратешки курс, да го дефинираме одржливиот луксуз на иднината, да ги ставиме нашите клиенти уште повеќе во центарот и секоја допирна точка со нашата марка да ја направиме да биде единствено доживување.“
Во изминатиов период е видлив масивниот ангажман на личности и марки од најразлични бранши – од технологија и мода, преку музика и филм, до спорт. Целта е на тој начин да се допре до нови целни групи, коишто инаку немаат допирни точки со автомобилската бранша. Во исто време се организираат Private Lounges на Mercedes AMG и на Mercedes Benz G Klasse, како и Mercedes AMG Store во Дубаи. Најнов пример е Mercedes Maybach Atelier, што неодамна е отворен во Шангај.
Mercedes-Benz притиска на луксуз: Помалку модели, поскапи модели