за

Mercedes-Benz притиска на луксуз: Помалку модели, поскапи модели

Mercedes-Benz не прави ништо ново, туку го нагласува тоа што и досега го претставуваше марката. Штутгарт се посветува целосно на луксуз, за најпрестижните модели одат 75% од инвестициите.

Марката со сребрената ѕвезда во иднина ќе има три категории возила, сите луксузни: Top-End Luxury, Core Luxury и Entry Luxury. Од најскапите модели на Mercedes-Benz се очекува да постигнат раст во продажбата од 60 проценти.

На настан под името „The Economics of Desire“, Mercedes-Benz на Азурниот Брег ги објави најважните чекори на новата стратегија. Компанијата во иднина ќе се посвети уште повеќе на луксузните возила, ќе воведе нови модели, ќе ја забрза електрификацијата, а сето тоа треба да донесе и повисока профитабилност.

Понудата од модели ќе се менува и во иднина повеќе од 75% од инвестициите ќе се вложуваат во развој на модели од највисоките сегменти. До 2026 година, продажбата на тие модели треба да постигне раст од 60% во споредба со 2019 година, значи со годината пред пандемијата и сите последувателни кризи. Во силна конкуренција, Mercedes-Benz во средината на декадата ќе постигнува заработка од 14 проценти. Стратегијата ќе ја следи и големата цел, комплетната понуда од модели до 2030 година да се состои од целосно електрични возила.

Побарувачката за S-Class во минатата година беше порасната за 40 проценти, а рекордни вредности постигнаа и Mercedes-AMG и Mercedes-Maybach. Новата стратешка ориентација се заснова врз тие резултати. Соодветно на тоа ќе се изведуваат повеќе варијанти во семејството на S-Class, како и нови модели на AMG и Maybach.

Mercedes-Benz во иднина ќе се посвети на три категории модели: Top-End Luxury, Core Luxury и Entry Luxury.

Понудата од модели во подрачјето на Top-End Luxury ги опфаќа:

  • сите возила од марките Mercedes-AMG и Mercedes-Maybach,
  • Top-End моделите на Mercedes-EQ, EQS Limousine и EQS SUV,
  • Mercedes-Benz S-Class, G-Class и GLS,
  • посебни моделски серии во ограничен број примероци и ексклузивни модели преку соработки со други марки.

Студијата Vision AMG беше претставена синоќа, како најава за целосно електричната иднина на Mercedes-AMG. Спортските модели ќе користат сопствена архитектура (AMG.EA). Сите компоненти во погонот се конструирани од ново. Тоа важи и за батеријата, како и за погонската технологија. Срцето на Vision AMG е иновативен електромотор со аксијален проток, којшто е развиен од посестринската компанија YASA. Електромоторот е компактен, лесен и значително посилен од обичните.

New item by Automedia MK / Google Photos

Mercedes-Maybach в година ќе стартува со продажба на електричниот Mercedes-Maybach EQS SUV – базиран врз моделот на Mercedes-EQ што го дизајнираше Славче Таневски. Новина е Mercedes-Maybach SL. Изгледот на родстерот под знакот на AMG исто така е дело на македонскиот дизајнер.

Славче Таневски покрај Concept Mercedes Maybach EQS на салонот ИАА Мобилност во Минхен

Електричен погон ќе проработи и во G-Class. Како што објавивме неодамна, во теренецот ќе работи нова батериска технологија од Sila. Има најава и за нови модели во семејството на G-Class.

Во иднина ќе има уште повеќе лимитирани серии и возила од екслузивни соработки. Пример за тоа е специјална серија на Mercedes-Maybach S-Class: Limited Edition Maybach by Virgil Abloh. Серијата е ограничена на 150 примероци и инспирирана е од Showcar Project MAYBACH, што беше развиен во соработка со неодамна починатиот уметник и моден дизајнер.

Ексклузивни колекционерски примероци ќе се работат во новата „MYTHOS Serie“. Тоа е ултра-ексклузивна понуда, што ќе биде достапна само за најверните ентузијасти и колекционери.

Core Luxury е јадрото на марката, во којашто спаѓаат најпродаваните моделски серии, C-Class и E-Class, заедно со нивните каросериски варијанти. Електрификацијата ќе го зафати и овој сегмент. Моделите ќе користат платформа EVA2 (од EQE, EQE SUV), а подоцна ќе се користи и архитектура MB.EA. Новата E-Class што стартува в година, ќе ја прикаже насоката во којашто ќе се развива овој сегмент. Има најава за уште еден модел, врз платформата EVA2, наменет посебно за Кина.

Големо скусување има во семејството на A-Class, односно во сегментот на Entry Luxury. Место седум каросериски варијанти, во иднина ќе има три. Повеќе нагласок ќе се става на технологијата. Нов оперативен систем MB.OS (Mercedes-Benz Operating System) стартува во 2024 година, заедно со новата платформа MMA за компактни модели. Во основа, новата генерација на A-Class ќе биде уште полуксузна, а соодветно на тоа ќе биде и поскапа.

Интервју со Славче Таневски, дизајнер на Mercedes-Benz EQS SUV

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia и Рафа Надал преку „Kia Clubhouse“ даваат поттик за новата генерација тенисери

Камаз се вмешува во најавите за враќањето на марката Москвич