за

Интервју со Славче Таневски, дизајнер на Mercedes-Benz EQS SUV

Славче Таневски е добрата вест на Македонија, кој лани одбележа десет години работа во Mercedes-Benz Cars. Во повеќе модели што се темел на имиџот на престижната марка, денес го препознаваме потписот на македонскиот дизајнер.

Природен порив е човек постојано да се надминува во тоа што го знае и умее. Кога ќе се искачи врв на една планина, тоа не значи дека искачувањето тука завршило, туку се бара планина со повисок врв, за и тој да се искачи. Така функционира нормалниот свет. Славче Таневски во 2019 година се качи на бината на Mercedes-Benz на салонот ИАА во Франкфурт, за пред светот да го претстави CLA Shooting Brake. Претходно, македонскиот дизајнер со работно место во Зинделфинген, го дизајнираше и CLA Coupe. Лани, на салонот во ИАА во Минхен, следеше уште една ѕвезда, Concept Mercedes-Maybach EQS, а и тоа се случи откако светот претходно се одушевуваше на AMG SL Roadster. Многу создава овој човек. Интервју со Славче Таневски, за новиот Mercedes-Benz EQS SUV.

Тоа е единствена можност, кога со човек што е во јадрото на автомобилската сцена, можете да зборувате на македонски јазик. Повод да се зборува со Славче Таневски, дизајнер во Mercedes-Benz Cars, постои секогаш. Тие поводи се мошне очигледни. Последен пат, тоа беше премиерата на Mercedes-AMG SL Roadster. Станува збор за моделска серија, врз чијашто историја се потпира имиџот на марката со сребрената ѕвезда. Достигнување и чест е на секој дизајнер, да добие доверба и да дизајнира автомобил, што сега и по неколку децении, ќе се спомнува покрај „SL Pagode“, 300 SL Gull Wing, на германски „Flügeltürer“, или покрај R107, дизајниран безвременски и произведуван 18 години.

Со Таневски зборуваме за првиот СУВ-модел на Mercedes-Benz Cars што е конструиран врз сопствена платформа и за модел што претставува пресвртница во поглед на комбинацијата од целосно електричен погон и „топ-енд“ СУВ под знакот на сребрената ѕвезда. Претставен како концепт на ланскиот ИАА Мобилност во Минхен, престижниот СУВ наскоро ќе почне да излегува од фабриката на Mercedes-Benz Cars Group во Таскалуза, во американската сојузна држава Алабама.

Аутомедиа: Со EQS видовме како лимузините со електричен погон на Mercedes-EQ се разликуваат во надворешниот изглед од лимузините од традиционалните моделски серии на Mercedes-Benz со конвенционален погон. Со EQS SUV првпат гледаме како СУВ со електричен погон се разликува од традиционалните СУВ-модели, конкретно GLS, GLE, GLC и други. Што е тоа што го разликува дизајнот на EQS SUV од дизајнот на GLS & Co и го прави посебен?

Славче Таневски: Возилата EQS и EQE, во својата лимузинска и SUVверзија се базирани на нашата EVA2 платформа, којашто е ново конципирана за нашите најлуксузни возила само со електричен погон. Платформата не опфаќа и возила со мотор со внатрешно согорување и тоа овозможи без компромиси да се конструираат возила со голема автономија и врвни аеродинамички перформанси. Електромоторите зафаќаат помалку простор отколку моторите со внатрешно согорување, на пример, така што не е потребна голема хауба кај возилото. Меѓуоскиното растојание е големо за да овозможи простор за батеријата, а како нус продукт е и поголемиот ентериер.

Исто така од голема важност е да имате „мазна“ каросерија, којашто ќе пружа помал отпор, така да ќе забележите поблаги премини од хаубата во А-носачот, опаѓачка, скоро купе линија на кровот, која завршува со јасно дефиниран спојлер. Многу елементи кои придонесуваат за оптимални перформанси, имаат мал отпор на воздух, но и така изгледаат. Идејата беше да претставиме дизајн кој ќе изгледа тивко и безвременски, со голема доза на иновативност и одново да ја пронајдеме есенцијата на тоа што е модерен Mercedes. На предниот дел немаме потреба за големи отвори во каросеријата, така што имаме голема затворена маска со изгравирани трокраки ѕвездички, нов пристап кон дизајнирање на светлосните групи итн, сé со цел да понудиме холистички ново луксуз доживување.

Кога Mercedes-Benz за своите модели би користел имиња, кое име би го дал на EQS SUV?

Хаха… ќе направам паралела со суперхерој, IronMan. Toj може сé, и во урбана средина и офроуд, технолошки e добро поткован, модерен… единствено не може да лета.

Неколку денови пред премиерата, на специјализираните канали што објавуваат шпиунски фотографии од прототипите или преку рендери се обидуваат да го „погодат“ изгледот на новите модели, се појави EQS SUV. Како го доживуваш тоа како дизајнер на моделот, дали ти импонира тоа што сцената со нетрпение чека да го види новиот модел на Mercedes или повеќе те радува светот првпат да го види моделот на редовната премиера?

Нормално, секој нов модел на Mercedes предизвикува внимание, посебно ако се работи за легендарна серија како SL или S-класа, како и нешто сосем ново, како што се EQвозилата. Тоа е една од предностите што работам за автомобилски гигант со најголема историја.

Се стекнува впечаток дека по неколку години стагнација, браншата во поглед на дизајнот покажува своевидна ренесанса, со радикални стилови и вистинска свежина. Се чини како сé да е „дозволено“ и сé минува. Дали тоа се случува навистина и што се смени?

Токму така, тоа е добра опсервација. Тоа се случува пред сé поради промената на погонот и новите премиси, коишто се битни кај електричните возила. Промена на пропорциите, предниот лик на возилата итн. Исто така имаме и создавање на нови старт-ап марки (пред се од Кина) без никаква историја, кои можат да си дозволат експерименти во стајлингот, а поседуваат и големи средства кои им овозможуваат да ги применат тие нови идеи и технологии. Во секој случај сведоци сме на нова голема промена и според мене возбудлив период за дизајнот и автомобилите во глобала, но за жал многу тивок и повеќе без V8звук.

Како СУВ-модел, EQS SUV треба да изгледа добро во секоја средина и на терен. На фотографиите од тестирањето, со маскирано возило, беше прикажан EQS SUV во најразлични услови, во песок, на снег. Луксузниот крстосувач воопшто не изгледа туѓо во теренски услови. Тоа исто така е дел од дизајнирањето на еден СУВ, да се изведат форми и стил што ќе прилегаат во секоја средина?

Да, секако. Пред сé пластичниот црн дел околу тркалата, прагот, и долниот дел на браниците (cladding) или некаков вид оклоп му ја дава таа дополнителна доза на робустност, исто како и големите тркала и поголемиот слободен простор околу тркалата. Но, главниот впечаток е дека тоа е елегантно возило, што не трпи многу кал и прашина.

Следните електрични СУВ-модели ќе се раководат според EQS? Дали ќе постои AMG-варијанта и дали при дизајнирањето се работи паралелно и на изгледот на таа варијанта?

Многу наскоро ќе го видиме EQE SUV кој е стилски сличен. За AMG варијанта не можам да потврдам, но до крајот на годината ќе го видиме најлуксузниот и прв електричен модел на Maybach.

Колку години е далеку „најдалечниот модел“ на Mercedes-Benz на којшто работиш во моментов? Колку нови модели во моментов добиваат форма на твојата „цртачка маса“?

Секогаш имаме неколку паралелни проекти чија реализација би била во период од наредните 2 до 5 години.

EQS SUV ќе биде основа и за првиот електричен Maybach. Во што ќе се разликува ексклузивниот модел, што е тоа што прави Maybach EQS да биде посебен?

Ќе има луксуз на највисоко ниво, како во внатрешноста така и во надворешноста. Повеќе детали би требало да дознаеме до крајот на годината. Тоа што го ветуваме со концептните возила го исполнуваме во серија на крај. Доколку ги забележите задните хеликс-светла на Concept EQA, ќе видите дека нешто слично имаме денес, во сериските модели EQS и EQE. Затоа, би посочил на концептот од минатата IAA, Maybach EQS.

Штотуку се врати од годишен одмор што го помина во Македонија. Како престојот во родната земја делува врз твојата работа?

Најдобро си ги полнам батериите дома, во Македонија. Во Германија доста интензивно сум ангажиран професионално, а во Македонија сум целосно опуштен, се дружам максимално со моите најдраги, со мали исклучоци кога ги држам предавањата на факултетот, сум дел од некоја конференција, или ќе дадам некое интервју. Во секој случај успевам да избалансирам и секако одморот делува и опуштачки и инспиративно.

Mercedes-AMG SL со потпис на Славче Таневски е „сон на соништата на секој дизајнер“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Мотоспортот е стогодишна традиција во Audi

Роботи цртаат уметничко дело врз покривот на автомобилот