Мерцедес-Бенц ја качи продажбата во првиот квартал насекаде, освен во Кина

Во првите три месеци во светот се испорачани 499.700 автомобили и ванови со ѕвездата на Мерцедес-Бенц . Двоцифрен раст на продажбата на БЕВ, новите модели им се допаѓаат на клиентите.

Мерцедес-Бенц ЦЛА се произведува во три смени, воведена е дури и смена во недела, за да се покрие побарувачката
  • Целиот светски пазар на Мерцедес-Бенц, исклучувајќи ја Кина, забележа пристоен раст од 5%, продажбата најмногу напредуваше во Европа и САД.
  • Во Европа се испорачани за 34% повеќе батериски електрични возила, односно 36% само во Германија; Главен е целосно електричниот ЦЛА од новата генерација.
  • Книгите со нарачки за електричните ЦЛА, ГЛБ и ГЛЦ се полни до доцна во второто полугодие.
  • Пораснаа и нарачките за С-Класата, по фејслифтот во јануари.

Половина милион патнички автомобили и ванови на Мерцедес-Бенц се испорачани на светскиот пазар во периодот од јануари до март. Има напредок и кај електричните модели, со раст од 11 проценти. Шефовите во Штутгарт се задоволни од одговорот од пазарот за новите модели што доживеаја премиера од почетокот на годинава.

Патничкиот огранок пријави 419.400 продажби, што е за 6% под резултатот од првите три месеци лани, но тоа е сосем очекувано покрај моменталната ситуација. Не сметајќи го падот во Кина, Мерцедес-Бенц за три месеци продаде за 5% повеќе возила од лани.

„Само новиот целосно електричен ГЛЦ, во првите три месеци беше нарачуван повеќе од кој било друг електричен модел во историјата на нашата компанија“, порачува Матијас Гајсен, директор за продажба и клиенти, во соопштението од производителот од 9-ти април. Сé погласно се најавува и премиерата на новата генерација на Ц-Класата, којашто вообичаено за новото време, стартува прво во електрична, а потоа во остантите изведби.

Европа постигна раст од 7% во продажбата на Мерцедес-Бенц

Во Европа продолжува позитивниот тренд од завршниот квартал лани. Главен двигател на продажбата е целосно електричниот ЦЛА. Тоа се рефлектираше и во продажбата на БЕВ-модели, што на европско ниво достигна раст од 34 проценти.

Германскиот пазар реагираше за нијанса похрабро, со раст од 36 проценти. Во фабриката во Раштат се работи во три смени, за да се покрие побарувачката за новиот ЦЛА, без да се создаваат предолги рокови за испорака.

Во Раштат се произведуваат и ЦЛА Шутинг Брејк, А-Класа, ГЛА и Е Ку А, додека ГЛЦ доаѓа од фабриката во Бремен. И таму се работи во три смени, па дури е додадена смена и во неделите. Неодамна започна и производството на ЦЛА со хибриден погон, што ќе донесе уште поголем раст во продажбата на моделската серија. Тоа воедно значи дека моделот наскоро ќе се појави и на македонскиот пазар, во салонот на Мак Аутостар.

Фејслифтот му донесе на Мерцедес-Бенц ГЛЕ маска во стилот на новиот ГЛЦ

САД исто така се движеа во позитивна насока и постигнаа раст од 20%. Спортскиот огранок Мерцедес-АМГ и ексклузивниот огранок Мерцедес-Мајбах имаа раст од 5, односно 34 проценти соодветно. Продажбата на најскапите модели во САД и натаму оди по нагорна линија.

Како што беше соопштено при одбележувањето на 5-милиониот автомобил од фабриката во Таскалуза, САД, Германците ќе го вклучат и ГЛЦ во тамошната продукција, меѓу другото и заради избегнување на царините.

Новиот ГЛЦ има подолго меѓуоскино растојание во споредба со тековниот модел и соодветно повеќе простор во внатрешноста.

Менаџментот го образложува минусот во Кина првенствено со планираниот престанок на производството на ЦЛА, поради престојниот старт на новата генерација на моделот, од локално производство. За утеха, Мерцедес-Бенц и натаму е најпродавана марка на пазарот на возила над 1 милион јуани, односно над 125.000 евра.

За да излезе во пресрет на барањата на тамошните купувачи, за најнапредни системи за инфо-забава, Мерцедес-Бенц забрзано ќе го воведува новиот оперативен систем МБ.ОС во моделите што ги продава во Кина.

Надвор од носечките пазари, Мерцедес-Бенц се соочи со пад од 14% во продажбата. Падна продажбата во Турција, а влијаеше и геополитичката нестабилност во регионот на Блискиот Исток.

Во Јужна Америка, Аргентина се издвои со зголемена продажба, каде што економијата се движи во позитивна насока и воедно беше укината акцизата за луксузни возила.

Зголемената побарувачка за новите електрични модели резултираше со раст од 11 проценти во продажбата на БЕВ. Најголем придонес за растот кај електричните возила од 34 проценти во Европа и 36% во Германија даде новата ЦЛА.

Сите електрифицирани видови погон заедно учествуваат со 41% во продажбата на патничките автомобили на Мерцедес-Бенц во Европа, што е напредок во споредба со 37% во првиот квартал лани.

Мерцедес-Бенц првпат по 1974 година со титула на автомобил на годината во Европа

Еден од секои седум продадени Мерцедеси е од врвните моделски серии

Најскапите модели учествувале со 15% во продажбата во првите три месеци, што е над очекувањата. С-Класа имаше моделско освежување, исто како и ГЛС, што ќе донесе натамошен раст.

Вкупниот број на испорачани возила од врвните сегменти сепак имаше пад од 5 проценти, главно поради моделската смена кај С-Класата и кај АМГ-дериватите од А-Класата. Кај Мерцедес-АМГ, зголемување има во продажбата на Е 53 Хибрид (+43%) и кај ЦЛЕ 53 4Матик+ во купе и кабриолет изведба (+32%).

Претходна објаваФолксваген се бори за лидерство и во ерата на електричните автомобили
Следна објаваКако работи хибридниот погон во Нисан

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here