Фолксваген се бори за лидерство и во ерата на електричните автомобили

Марката Фолксваген лансира нова генерација батериски електрични автомобили, што имаат достапна цена и се конструирани врз поедноставена изведба на платформата МЕБ, позната од постоечките ЕВ на концернот.

ИД Крос, што јавноста го виде како концептен автомобил, е модел со слична големина со Фолксваген Т-Крос. Соперници му се Рено 4 и Фиат Гранде Панда.

Германскиот производител вложува на картата, дека пониските цени, унапредената технологија и звучната марка ќе бидат вистинска одбрана од сé поголемиот бран од кинески соперници, што се пробиваат на пазарот на електрични автомобили во Европа.

Фолксваген го најави своето „семејство електрични градски автомобили“, во коешто спаѓаат ИД Поло, ИД Крос и ИД Нео, и коешто ќе стартува со продажба годинава. Тоа ќе биде темел за посилен пробив, со цел електричните автомобили да станат подостапни и да се приближат до најширокиот круг купувачи.

За Германија, се најавува цена на ИД Поло од 25.995 евра, што значи дека тоа ќе биде еден од најдостапните ЕВ од голем европски производител. ИД Крос, како СУВ изведба, ќе стартува од 28.000 евра.

Сестринските марки од концерот Фолксваген ќе ја добијат технологијата од матичната марка и ќе целат кон истиот ценовен сегмент, нудејќи најдостапен избор на електричен автомобил. Купра Равал ќе стартува од околу 26.000 евра, што е напад врз Рено 5, којшто во Германија почнува од 28.000 евра, како и врз Ситроен е-Ц3 и БИД Долфин Сурф.

Шкода планира својот малечок електричен СУВ, со име Епик, да го понуди по иста цена со споредлива моделска изведба од Камик со мотори со внатрешно согорување. Тоа ќе биде уште еден потег, во насока на намерата на концернот Фолкваген да понуди електричен погон по иста цена со класичен погон.

Сите модели ја делат истата платформа МЕБ+, што прикажува верно, дека здружена стратегија со повеќе марки, води кон скусување на трошоците и прави електромобилноста да стане достапна уште во појдовниот ценовен сегмент на европскиот пазар.

Марката Фолксваген ја смени стратегијата

Лансирањето на новото семејство електрични автомобили со достапна цена, претставува ресетирање на стратегијата на марката Фолксваген, чијшто удел на европскиот пазар е малку над 10 проценти. Марката се соочува со забавена побарувачка на ЕВ во Европа, со растечки трошоци и со засилена конкуренција од кинеските соперници, првенствено од БИД. Кинескиот производител го зголеми својот пазарен удел, продавајќи модели со пониска цена.

Фолксваген ИД Нео е новото име на електричниот компакт ИД.3.

Мартин Зандер, директор за продажба на марката Фолксваген, кажа дека новата иницијатива доаѓа по темелното преиспитување во рамките на самиот производител, коешто вклучуваше осознавање на сопствениот идентитет и на позицијата, во услови кога светскиот пазар се менува брзо.

„Искрено, во последните неколку години веројатно го изгубивме тоа што претставува основа на Фолксваген – а тоа е посебното чувство,“ изјави Зандер на настанот што се одржа во Хамбург.

Тој кажа дека фокусирањето се изгубило во време кога целата бранша се најде изложена на надворешни притисоци.

„Светот се смени многу,“ кажа Зандер. „Геополитиката е испревртена, на бројни места се прекинати патиштата за набавките, конкуренцијата е поостра од кога било досега. Тоа е надворешниот свет.“

Фолксваген одговори на тој начин што изврши подлабоки внатрешни промени, упатува директорот. „Но, и ние моравме да се смениме,“ кажа Зандер. „Моравме да го смениме начинот на размислување.“

„Вистинскиот Фолксваген“ им се враќа на традиционалните вредности

Во центарот на таа стратегија е МЕБ+, како унапредување на платформата со заеднички компоненти за електрични возила на Фау Ве. Унапредувањето беше во насока на скусување на трошоците, а во исто време и во овозможување за понапредните функции и технологии да станат достапни во помалите возила.

Платформата е наменета за сите помали модели и ќе се приспособува соодветно, за да се користи за модели од повеќе марки од концернот, вклучувајќи ги Шкода, Сеат/Купра и доставните возила на Фолксваген.

ИД Поло има средишен дисплеј од 13 инчи, но и копчиња за климата и за безбедносни трепкачи веднаш под дисплејот. Возачкиот дисплеј може да се префрли на графика што изгледа како инструментите на Голф 1 во 1980-те години.

Директорите на Фолксваген велат дека овој пристап овозможува компанијата да ги подели трошоците за развој на повеќе марки и да воведе технологии, што инаку би биле прескапи за да се користат во модели од основниот ценовен сегмент.

„Сакаме електричната мобилност да ја направиме достапна и таа да стане дел од секојдневието на поголем број луѓе,“ вели извршниот директор на марката Фолксваген, Томас Шефер.

Тој ја опиша иницијативата како враќање на компанијата кон своите традиционални вредности, а тоа се достапност, квалитет и привлечност за широкиот пазар, под новата стратегија што се води под „Вистински Фолксваген.“

Оваа стратегија отсликува сеопфатен напор за повторно поврзување со европслките купувачи, откако првите ИД-модели на марката Фолксваген беа предмет на критика дека се прескапи и им недостига префинетоста што се очекува од марката.

Новата понуда од модели става нагласок на тоа што компанијата го води како „квалитет што се гледа и се чувствува“, заедно со поедноставување на дизајнот и олеснето ракување.

ИД Поло, ИД Крос и ИД3 Нео ќе добијат и нови системи за асистенција, вклучувајќи унапредена изведба на полуавтоматскиот систем за возење Конектед Травел Асист. Тој може самостојно да го запре возилото, кога семафорот свети црвено. Оваа функција досега беше достапна само кај најскапите автомобили.

Се смалува ценовната предност на кинеските соперници

Фолксваген ја нагласува достапноста во време кога европската политика притиска да се зголеми продажбата на ЕВ, а купувачите единствено ја гледаат цената.

Иако постојат субвенции на неколку пазари, достапните ЕВ пак се значително поскапи од споредлив модел со мотор со внатрешно согорување. Тоа им отвори слободен простор на кинеските соперници, коишто го искористуваат тоа што производствените трошоци им се пониски, и веригата на снабдување има вертикална поставеност.

Купра Равал прва од квартетот електрични модели на Фау Ве со достапна цена

Аналитичарите велат дека е најважно Фолксваген да ги понуди цените што ги ветува. Во својата група од марки за широкиот пазар, концернот Фау Ве се потпира првенствено на искористувањето на скалестите ефекти, за намалување на трошоците за развој, набавка и производство, распределувајќи ги истите на повеќе марки.

Мото „Европа за Европа“ додека целиот свет е на пресвртница

Фолксваген напоменува дека и покрај тоа што повеќе модели од различни марки ќе ја делат истата платформа МЕБ+, заради скусување на трошоците, секој модел ќе го задржи идентитетот на својата марка.

Европската автомобилска индустрија се наоѓа под силен притисок, не само поради увозот од Кина, туку и поради промените во трговската политика и последиците што тие ги повлекуваат во патиштата за набавка, посебно кај батериите и суровините. Со локализација на производството и насочување кон „Европа за Европа“, Фау Ве има цел да го засили својот регионален отпечаток и да се заштити од надворешни шокови.

Компанијата планира своите нови модели да ги произведува во Европа, испраќајќи силна порака во духот на европските политичари, којшто се загрижени околу конкурентноста на индустријата и вработеноста.

Изведби со спортски перформанси ќе го заживуваат спортскиот имиџ

Фолксваген во исто време бара начини да внесе возбуда во своите електрични модели, користејќи звучни моделски имиња во ерата на електромобилноста. Компанијата потврди дека ќе понуди и спортски варијанти ГТИ од своите ИД Поло и ИД.3. Тие ќе стартуваат со продажба кон завршетокот на годинава.

Фолксваген ја проширува понудата од електрични автомобили со ИД. Поло, што стартува со продажба во 2026 година и ќе чини под 25.000 евра. Изведбата ГТИ ќе располага со 226 КС

Овој чекор се совпаѓа со 50-годишнината на Голф ГТИ, име што придонесе за Фолксваген да изгради спортски имиџ и остана дел од идентитетот на марката. Пренесувајќи го тоа наследство во ерата на електричните автомобили, Фолксваген очекува да ги привлече и традиционалните ентузијасти и новите купувачи на ЕВ.

Претходна објаваКина го зголеми извозот на електрични автомобили откако војната во Иран ја поскапе нафтата
Следна објаваМерцедес-Бенц ја качи продажбата во првиот квартал насекаде, освен во Кина

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here