Повеќе од 3.000 позиции се сменети во моделското освежување на еден од носечките модели во продажбата на Мерцедес-Бенц, на СУВ-моделот од вишата класа ГЛЕ, на „Е-класата“ на висока нога.
Мерцедес-Бенц пред неполни 30 години го воведе својот прв СУВ-модел во понудата, како М-Класа, којашто меѓу другото се издвојуваше и како дизајнерска авангарда. Потоа следеше преименување во МЛ-Класа, за моделската серија во 2015 година да стане ГЛЕ, следејќи го примерот на ГЛЦ и ГЛС, за да се укаже дека станува збор за СУВ-модел што е на рамниште на Е-Класата, исто како што ГЛЦ ѝ парира на Ц-Класата или ГЛС ѝ парира на С-Класата.
Моделот денес вози во својата четврта генерација под фабричкиот код В 167 и на пазарот е од 2019 година. На голема свеченост во фабриката на Мерцедес-Бенц во Алабама/САД, во чест на 5-милионитото произведено возило во Таскалуза, германскиот производител го пушти на сцената освеженото моделско годиште на ГЛЕ, заедно со купе-СУВ изведбата на моделот.
Не е првпат, ГЛЕ да мине третман на фејслифт. Но, за разлика од промените во 2023 година, коишто главно беа насочени кон изгледот, сега се зафати многу посуштински во возилото. Покрај надворешноста, големи промени има во внатрешноста и во понудата од мотори.
Јасно се забележува новиот изглед на маската, којшто Штутгарт го внесе во своите модели со новиот ГЛЦ. Маската влече црти од историските модели на Мерцедес-Бенц, а посебно од култните С-Класи од генерациите Ве 116 и Ве 126. Сребрената ѕвезда е присутна каде и да се погледне: На хаубата, во маската, во поситен формат по целата површина на самата решетка на маската, па и во графиката на светлата. Соодветно е сменет и изгледот на браникот.
Маската е зголемена значително во споредба со моделот пред фејслифтот, а како опција може да се нарача и осветлена изведба. На одредени пазари е достапна и опција за трикраката ѕвезда во маската да свети, но тоа не важи за Европа, затоа што законите уште се строги во тој поглед.

Назад се повторува шемата, со ѕвезди што се забележуваат и во графиката на светлата. Тие се споени со дизајнерски елемент, поради што средишната ѕвезда мораше да се помести малку подолу, врз надолжната лента меѓу светлата. На тоа следат уште неколку зафати, како сменети ретровизори и три нови дизајни за тркалата.
Купе-изведбата на ГЛЕ и натаму доаѓа стандардно со опременост АМГ Лајн, но сега е додаден и АМГ Лајн Ентериер. Новитет кај двете каросериски изведби е АМГ Лајн плус, којашто се препознава по затемнетите украсни елементи.

Четирицилиндарецот заминува од ГЛЕ
Има големи промени и во понудата од мотори. Најважната промена е тоа што четирицилиндарец повеќе не се нуди во Европа. Шест цилиндри се минимум-стандард во ГЛЕ. На местото на ГЛЕ 300 д 4Матик доаѓа ГЛЕ 350 д 4Матик, со 286 КС и 650 њутнметри. Посилна изведба на дизелот ОМ 656 работи во ГЛЕ 450 д 4Матик, со 367 КС и 750 њутнметри. Порасна и моќноста на благиот хибрид, од 15 на 17 киловати.
Повеќе сила доби и моделот со приклучен хибриден погон. ГЛЕ 400 е 4Матик сега е заменет со ГЛЕ 450 е 4Матик, со линиски шестцилиндарец. Системската моќност порасна од 381 на 435 КС. Батеријата дозволува досег од преку 100 километри.
Понудата од бензински мотори ја сочинуваат ГЛЕ 450 4Матик, сега со вртежен момент зголемен од 500 на 560 њутнметри, и ГЛЕ 580 4Матик, со мотор Ве-8 од генерацијата М 177 ево, со моќност од 573 КС и вртежен момент од 750 њутнметри.
Спортскиот врв во гамата и натаму го застапува Мерцедес-АМГ ГЛЕ 53 Хибрид 4Матик+, којшто отсега вози со 585 КС и 750 њутнметри.
Приклучниот хибрид со дизел мотор повеќе не се нуди
Откако Мерцедес-Бенц реши повеќе да не вградува 4-цилиндарци во својот голем СУВ, тоа значеше и откажување на моделот со хибриден погон, но со дизел мотор. Оваа ретка електрифицирана изведба на дизел ги привлекуваше купувачите, но не и во Германија, како клучен пазар за марката. Место 350 де 4Матик и ГЛЕ 400 е 4Матик, купувачите во иднина ќе го имаат на располагање ГЛЕ 450 е 4Матик.
Во техниката, освен во моторите, извршени се промени и во нагодувањето на подвозјето, како и во модулацијата на сервоподдршката на управувањето. Пневматска суспензија и активно подвозје и натаму стојат на располагање како опција.

Збогатена сериска опременост
Во внатрешноста се всели Суперскринот, којшто сега се состои од три екрани со пречник од по 12,3 инчи. Тој сега се вградува стандардно во секој ГЛЕ што излегува од фабриката во Таскалуза, во сојузната држава Алабама, во САД.
Уште едно значајно збогатување на сериската опременост е стаклениот покрив, за којшто досега мораше да се доплаќа околу 2.000 евра. Третата голема новина е тоа што целата арматурна табла сега стандардно е обложена со материјал Артико, што личи како кожа и се користи долго време во Мерцедес-Бенц. Во проекцискиот дисплеј сега се прикажуваат и содржини од виртуелна реалност.
Штепувањето на седиштата е сменето и внесува нова свежина во кабината. Нема промени во просторноста на задната клупа: ГЛЕ и натаму нуди повеќе простор за нозе назад, отколку стандардната С-Класа. Добро е тоа што опцијата за лизгачка задна клупа не е пречкртана. По желба, Мерцедес-Бенц вградува и трет ред седишта.
Цените не се објавени, исто не е соопштен и почетокот на испораките, но како еден од клучните модели во продажбата на Мерцедес-Бенц, извесно е дека новиот ГЛЕ ќе биде дел од низата премиери што ќе следат во Мак Аутостар годинава.
















