Шефот на Би Уај Ди предупреди дека само најсилните производители ќе преживеат

Откако профитот опадна 19%, шефот на Би Уај Ди предупреди дека кинеските производители на електрични возила влегуваат во „нокаут-фаза“ за слабите играчи.

Би Уај Ди има ангажирано осум бродови за транспорт на автомобили од кинеските фабрики и притиска за извоз, откако почна да паѓа продажбата на домашниот пазар.
  • Чистата добивка на Би Уај Ди опадна 19% на 4,8 милијарди долари, и покрај зголемениот промет за 3,5 проценти.
  • Претседателот Ванг Чуанфу предупреди дека кинеските производители на електрични возила се соочуваат со „нокаут фаза“ за послабите играчи.
  • Извозот на Би Уај Ди во 2025 година се зголеми повеќе од двојно, на 1,05 милион возила.
  • Домашната продажба на Би Уај Ди падна 7,8 проценти, на 3,55 милиони возила.

Чистата добивка на Би Уај Ди (акроним од Билд Јоур Дримс), опадна 19 проценти, откако заострената војна со цените на електричните возила во Кина ја изеде маржата на најголемиот производител на електрични возила во светот. Претседателот Ванг Чуанфу предупреди дека индустријата влегла во „нокаут фаза“ во којашто ќе настрадаат послабите играчи.

Предупредувањето од Ванг доаѓа во момент кога соперникот на домашниот пазар, Тесла, пријави дека чистата добивка во фискалната година што заврши на 31-ви декември, спаднала на 4,8 милијарди долари.

Компанијата детално го образложи падот на добивката во извештајот за финансиските резултати од 27-ми март. Добивката се смали и покрај тоа што прометот е зголемен за 3,5 проценти, на 117 милијарди долари.

Ванг оцени дека причина за смалениот профит е „жестоката“ конкуренција на домашниот пазар. Секторот на електричните возила посебно, „минува низ брутална фаза на нокаут“, порача Ванг во извештајот на компанијата со седиште во Шензен.

Би Уај Ди во 2025 година ја зголеми вкупната продажба на електрични автомобили и приклучни хибриди за 7,7 проценти, на 4,6 милиони возила.

Острата конкуренција на домашниот пазар ја притисна продажбата на Би Уај Ди во Кина, каде што се продадоа 3,55 милиони возила, а тоа е пад од 7,8 проценти.

Ценовната војна ја сведе маржата на компанијата на 4,1 проценти во минатата година, наспроти 5,2 проценти во 2024 година.

Ванг е последниот во низата бизнис лидери во земјата, кој предупредува дека кинеската автомобилска индустрија ќе се соочи со консолидација, во којашто ќе настрадаат слабите играчи. Десетици домашни компании произведуваат електрични возила, но нивните надежи за иднината се смалија, поради забавената побарувачка, заситената понуда и укинувањето на владините субвенции.

Индустриската консолидација може да предизвика отпуштање работници и затворање фабрики. Но, компаниите што ќе преживеат, ќе излезат посилни од кризата и поконкурентни во однос на традиционалните светски марки, без да здобијат модринки на домашниот терен.

Борбата да се истиснат послабите компании со електирчни возила може да трае до пет години и да остави само пет преживеани, предвиде во својот подкаст во август Хе Шаопенг, основач и претседател на ЕВ-стартапот Шаопенг.

Би Уај Ди се свртува кон извозните пазари за да надомести за домашните маки

Би Уај Ди е еден од кинеските производители што се најагресивни во освојувањето на светскиот пазар. Намерата е преку раст на светскиот пазар да се надомести за домашните проблеми. Во 2025 година, тие стартуваа со продажба во 119 држави и пуштија осум прекуокеански танкери да извезуваат возила од Кина.

Би Уај Ди лани продолжи да ги проширува своите производствени капацитети надвор од Кина. Во април беше поставен камен темелник за фабрика за монтажа во Камбоџа. Во јули, по 15-месечна изградба, тие ја отворија својата прва фабрика во Латинска Америка, во Бразил.

Во тек е изградба на првата европска фабрика, во Унгарија. Се очекува дека возила ќе почнат да излегуваат оттаму уште во текот на годинава.

Се отворија фабрики и во Тајланд и Узбекистан.

Прекуокеанските пазари ја презедоа улогата на главен двигател на продажбата од домашниот пазар, откако компанијата го засили извозот и отвори фабрики надвор од Кина.

Во минатата година, од Кина без извезени двојно повеќе возила, вкупно 1,05 милион. Како резултат од тоа, прометот на извозните пазари порасна 40 проценти, на 45 милијарди долари, што претставува 39 проценти од вкупниот годишен промет. За споредба, во 2024 година, тој удел изнесувал само 29 проценти.

Би Уај Ди се обложува на револуционерна батериска техника

И покрај трансформацијата на индустријата и брзите промени во пазарните услови, „технологијата ќе ја задржи централната улога,“ порача Ванг во извештајот.

Со преку 120.000 инженери, Би Уај Ди разви изобилство од нови и иновативни технологии, вели шефот.

Тие технологии стартуваа со примена годинава, со втората генерација на батерии Блејд со хемија ЛФП (литиум железо фосфат), како и со флеш-полнењето.

Претставени на 5-ти март, овие технологии овозможуваат батериите да се наполнат од 10 до 70 проценти за само 5 минути, и од 10 до 97 проценти за 9 минути при нормални температури. Полнењето е можно до температури од 30 степени под нула.

„Тоа е нов светски рекорд за најбрзо полнење во ЕВ од сериско производство, што ги решава светските проблеми со ‘бавното полнeњe’ и ‘отежнатото полнење при ниски температури’ коишто ја обележаа првата половина од трката во електрификацијата,“ додаде Ванг.

Производителот најави дека овие технологии, што веќе се нудат во Кина, кон завршетокот на годинава ќе станат достапни и на извозните пазари.

Претходна објаваФејслифтот му донесе на Мерцедес-Бенц ГЛЕ маска во стилот на новиот ГЛЦ
Следна објаваОпел ја стави Астра на третман за разубавување

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here