за

Mercedes-AMG E 43: Прво експлозивно полнење на новата класа Е

Класата Е уште е под салонските рефлектори во Женева, а Mercedes веќе ја најавува и првата спортска изведба. Е 43 вози со 401 КС и привремено ќе го застапува врвот во серијата – до пристигањето на E 63.

Менаџерите на марката од Штутгарт уште ги набројуваат пред публиката новитетите со кои што пристига новата генерација на класата Е, а Mercedes веќе го претставува следниот новитет – првата спортска изведба во серијата, Mercedes-AMG E 43 4Matic. Моќноста од 401 КС доаѓа од трилитарски V6 со битурбо натполнење, којашто преку деветстепен автоматски менувач и погонот 4Matic се пренесува до обете оски, во сооднос 31:69 проценти. За комплетно спортско чувство достојно за значката AMG во пакет пристигаат и спортска изведба на пневматската амортизација Air Body Control, подиректен пренос во управувањето и покусо време на промена на степените на пренос на 9G-Tronic.

Mercedes-AMG E 43 4MATIC (W 213) 2016Дополнителните 34 КС во споредба со верзијата на моторот што се вградува во C 43 се добиени со поголеми турбокомпресори со притисок на натполнење зголемен на 1,1 бар и соодветно сменет контролен софтвер. Максималниот вртежен момент од 520 њутнметри стои на располагање при 2.500 вртежи. Вака подготвен, E 43 спринтува до сто за 4,6 секунди, додека крајната брзина е џентлменски ограничена на 250 km/h.

Спортскиот печат во надворешноста се огледува во трите отвори за воздух во предниот браник, со по две хоризонтални ламели во страничните отвори, со хромирани пинови во „дијамантската маска“ и ламела во сјајна црна боја. Петкраките бандажи од AMG имаат пречник од 19 инчи, додека за спортскиот печат во задниот дел се грижат по две хромирани издувни цевки на секоја страна, украсна лајсна во сребрена боја и мини-спојлер на капакот на багажникот.

Mercedes-AMG E 43 4MATIC (W 213) 2016Во кабината пречекуваат спортски седишта во комбинација од вештачка кожа и микрофибер, со црвени штепови, којашто соодветно се пренесува и во вратите и во арматурната табла. Спортски педали, црн таван и црвени безбедносни ремени даваат дополнителен спортски акцент. Воланот е зарамнет оздола, зад него се мултифункцискиот дисплеј од 11,4 сантиметри и двата класични инструмента сместени „во туба“.

Возачот ги има на располагање петте програми за возење од системот Dynamic Select, со кои се влијае врз реакцијата на моторот, на менувачот, на подвозјето и на управувањето. Параметарското управување во E 43 4Matic има променлив преносен однос и возачот може да избере два режима за неговата работа – комфорен или спортски – зависно од моментно избраната програма преку Dynamic Select.

Mercedes стартува со нарачки за E 43 4Matic во средината на јуни, првите примероци ќе почнат да се испорачуваат во септември.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Veuve Clicquot е официјалниот шампањ на Ferrari

Qashqai стана најпроизведуван модел на Nissan во Европа