
На саемот за авијација што се одржува на женевскиот аеродром ќе биде претставен спектакуларен концепт на кабина за прва класа дизајнирана заеднички од Mercedes и Lufthansa.
Зошто заштитниот знак на Mercedes е ѕвезда со три краци? Затоа што Даимлер и Бенц на тој начин сакаа да укажат на владеењето на човештвото со сите три средини, односно со земјата, водата и воздухот. Оттука е сосема јасно зошто марката со големите лимузини е постојано активна и во водата, со неколку концепти на јахти претставени само во последниве неколку години, но исто така и во воздухот, како што се покажува со последнава соработка со авиогигантот Lufthansa.

Специјализираното одделение за „продавање“ стил на Mercedes и Lufthansa развија иновативен концепт на авионска кабина за прва класа. Главната идеја во кабината е замена на класичниот начин на раздвојување на таванот, ѕидовите и подот со спирални форми, со цел да се постигнат посебни просторни зони со различна поставеност на седиштата и ѕидните елементи од стандардниот начин. Тука дизајнерите на Mercedes постигнаа посебен впечаток за просторот, применувајќи го силниот контраст на материјали, бои и осветлување што е својствен за најлуксузните автомобилски модели на марката. Партнерите ќе им го понудат овој концепт на сите заинтересирани компании што сакаат да се издвојуваат во конкуренцијата.
Авионска кабина по пример на врвните изведби на класата S на Mercedes
Подот, ѕидовите и таванот преоѓаат со течни линии едно во друго, со повеќе иновативни решенија во нив, како прозорци со стакло што под дејство на електрична струја се затемнува или осветлува и во лимузините на Mercedes се нуди како технологија Magic-Sky. Во овие т.н. „црни панели“ што изгледаат како да лебдат пред фактичките прозорци може да се вградат дисплеи и командни полиња за мултимедија и за ракување со дополнителните функции. Дизајнот е инспириран од дисплеите во класата S на Mercedes. Посебното техничко одделение во рамките на Lufthansa во иднина ќе им го нуди новиот концепт на заинтересираните авиокомпании.















