Титулата на најсилен дволитарски бензинец со четири цилиндри досега ја имаше моторот во Mercedes A 45 AMG. Во Шведска започнаа тестирањата на нов мотор, којшто е далеку посупериорен од германскиот.
Според првиот човек за развој на мотори во Volvo, Германецот Михаел Флајс, „новиот рекорд се случи сосема случајно, како спореден ефект.“ Овој поранешен инженер на Volkswagen, заедно со неговиот тим, имаа намера да го докажат огромниот потенцијал што лежи во нивниот дволитарски бензинец со четири цилиндри. Во тест-прототипот во каросерија на Volvo S60, моторот ослободува дури 450 КС! Тоа е неколку класи подобро од досегашниот рекордер, Mercedes A 45 AMG со неговите 360 КС.
Овој нордиски тркач на четири тркала е дел од новата стратегија на Volvo којашто предвидува сите модели почнувајќи од средната класа па нагоре да користат исклучиво четирицилиндарски мотори, и тоа важи и кај дизелите и кај бензинците. Ненаситните пет, шест и осумцилиндарци заминуваат во музеј.
Драстично намалување на потрошувачката на гориво
Швеѓаните покриваат огромен дијапазон на моќност со нивниот четирицилиндарски бензинец од два литра, почнувајќи од 120 КС до 450 КС. Развојниот шеф Петер Мертенс, исто така Германец, објаснува зошто Volvo ги намалува моторите: „Во зависност од верзијата можеме да заштедиме до 35 проценти гориво и да ја намалиме тежината до 90 килограми.“ Пример за тоа е дизелот со 190 КС, којшто троши 3,3 литри гориво и има емисија на СО2 од само 85 g/km.

Овие вредности секако дека ќе бидат недостижни за идниот модел со 450 КС, но сигурно нема да бидат повисоки отколку кај стариот V8. Volvo користи трикратно турбонатполнење, со два турбополнача за повисоки вртежи и еден компресор со електричен погон, којшто се задвижува уште при поаѓањето. Слична техника има развиено и Audi.
Извесно е дека најсилниот Volvo што теоретски би постигнал преку 300 km/h ќе влезе во сериско производство. Следен мотор е трицилиндарец од 1,5 литар, којшто од 2017 година ќе се вградува во компактните модели на Volvo и во моделите на кинескиот партнер Geely.
















