Mercedes го става GLC под напон и го претвора во ELC

Понудата од модели со погон на струја на Mercedes ќе се прошири со два нови спортски теренци. Во 2018 година пристига електричната верзија на GLC, со каросерија на купе-теренец и под името ELC.

Повеќето електрични автомобили се достапни само за купувачи со дебело конто. Досега единствено на калифорнискиот електроспецијалист Tesla му успеа да ги спои луксузот, престижот и уживањето во возење во еден автомобил, во спортската лимузина Model S. Цената е пресолена за квалитетот што го нуди американскиот производител, а и практичноста е под голем знак на прашање. Европската премиум тројка контрира со BMW i3 и i8, со идниот Audi R8 e-tron, додека Mercedes ја има само електричната верзија на класата B. Швабите сакаат да имаат попретставителен електромодел во понудата.

На крајот на 2018 година се очекува да пристигне електричната изведба на спортскиот теренец GLC под моделското име ELC. Електричниот модел на Mercedes ќе се произведува во фабриката во Бремен и во голем дел ќе ја користи платформата од спортскиот теренец на база на класата C. За електричниот погон во автомобилот да биде повеќе воочлив, Mercedes ќе користи и сосема различен дизајн за ELC. Притоа, особено големо внимание ќе биде посветено и на аеродинамиката на возилото.

Електричниот погон во идниот ELC ќе располага со 550 КС во најсилната верзија

Во поглед на електричната погонска спрега, во идниот ELC ќе се користат најмалку два електромотора, по еден на секоја оска, со што ќе се реализира и погонот на сите тркала. Досегот ќе изнесува најмалку 400 километри, а полнењето на батериите што се сместени во подот ќе се врши преку кабел и по пат на индукција. Околу цената уште нема конкретни сознанија, но со оглед на континуираниот пад на цените на батериите, може да се очекува дека идниот Mercedes ELC ќе чини околу 50.000 евра.

Претходна објаваВака изгледа најголемиот салон за Renault и Dacia во Британија
Следна објаваКомпактниот родстер на Mercedes отсега вози како SLC

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here