Mercedes ќе создава нова марка по пример на Mini

Малечок теренец, семеен миниван и комбилимузина со три врати – тоа ќе бидат првите модели во новата марка на Mercedes, позиционирана над Smart. Со овие модели луксузната марка од Штутгарт ќе ја пополни празнината во моделската понуда што останува меѓу градското мини Smart и најмалечкиот Mercedes, комбилимузината од класата А. Конкурентот Mini, кој е во сопственост на BMW, веќе има шест моделски изведби во овој сегмент од пазарот и постигнува огромен успех.

Техничката основа за новите модели ќе потекнува од актуелната класа А, но со должина на каросеријата под четири метри, новите модели ќе бидат значително покуси. Првиот модел од новата марка ќе биде компактен теренец, помал од новиот GLA, чија што премиера се очекува на салонот во Шангај на 21-ви април. Понудата од модели ќе ја дополнат четириметарски ван, со големина колку Ford B-Max, и компактна комбилимузина со три врати, како директен конкурент на Mini, со деби планирано за 2016 година. Цените на овие возила ќе се движат меѓу 15.000 и 20.000 евра.

Mercedes, односно мајката Daimler, веќе имаше обид да воспостави присуство во овој сегмент од пазарот, со Smart Forfour, Roadster и Coupe, но поради раскинувањето на соработката со Mitsubishi, производството на моделите стана скапо и мораше да се прекине. Техничката основа за овие модели потекнуваше од Mitsubishi Colt.

Претходна објаваОд историјата на Opel: На почеток сите беа кабриолети
Следна објаваСекоја петта нова Toyota е со хибриден погон

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here