за

Од историјата на Opel: На почеток сите беа кабриолети

Марката под заштитниот знак на молњата повторно има кабриолет што одушевува. Cascada стартува точно на почетокот на сезоната и потсеќа на славните предци. Во едновековната историја на Opel се издвојуваат 14 кабриолети кои оставиле длабок печат. Меѓу нив е првиот автомобил на марката, Lutzmann од 1899 година, но и Rekord A Cabrio, изработуван по специјална нарачка во фирмата Deutsch, исто како и Monza Keinath C5.

Елегантната Cascada ја продолжува традицијата на благородни кабриолети, како на пример Opel Kapitän, од пред 75 години. Во тие години кабриолетите ги изработуваа специјализирани каросериски работилници. Врз основа на Opel Admiral од 1937 година, фирмата Hebmüller изработи луксузен спортски кабриолет. Една година порано, мануфактурата Gläser од Дрезден го претстави Opel Super 6. Кон крајот на 1960-те години, каросериската работилница Deutsch го отвори Rekord C, додека дилерот Keinath ја изврши истата трансформација на купето од Monza.

Првиот Opel беше кабриолет

Почетокот на марката го одбележа моделот Lutzmann, кој како и сите автомобили од тоа време имаше отворена каросерија. До крајот на производството во 1901 година, 65 возила излегоа од фабриката во Риселсхајм.

Кај моделите 10/18 PS од 1908 и 6/12 од 1910 година исто така мораше да се доплаќа за покрив. Дури во 1930-те години, откако почнаа да се појавуваат возила со затворена каросерија, возењето без покрив стана предмет на луксуз и на благосостојба.

Познатите каросериски работилници во тој период беа инспирирани од моделите од Риселсхајм и ги претвораа во кабриолети. Една од нив е фирмата Deutsch, која што произведе 51 примерок од спортскиот Moonlight-Roadster, базиран на моделската серија со 1,8-литарски мотор. Со тој модел, Opel стана прв големосериски производител кој понуди шестцилиндарски мотор во модел од средната класа.

Во знак на одбележување на 75-годишнината на фирмата, во 1937 година Opel претстави два новитета со напредна конструкција, моделите Super 6 и Admiral. Првиот имаше 2,5-литарски шестцилиндарец со 55 КС, додека моделот од вишата класа Admiral поседуваше моќен шестцилиндарец од 3,6 литри со 75 КС.

Овие модели послужија како основа за бројни изведби од специјализираните работилници. Една од нив е верзијата на Super 6 од Gläser, со две помошни седишта во издолжениот опаш. Поголем и уште поексклузивен модел беше кабриолетот од Hebmüller врз основа на Admiral. Кон високата класа целеше и кабриолетот од моделот Kapitän од 1937 година. Од вкупно 25.374 примероци од серијата произведувана до 1960-те години, 4.563 беа кабриолети.

Пред војната, фабриката нудеше само еден модел како кабриолет, Opel Olympia Cabriolet-Limousine. Во тој период беше популарна оваа каросериска варијанта, со класични прозорски рамки отстрана. Моделската серија се произведуваше до 1956 година. Подоцна, отворените верзии на Kadett и Astra го наследија местото на Olympia во моделската понуда на Opel.

Меѓу славните предци на четириседот Cascada се Rekord A од 1963 година, изведен како кабриолет во фирмата Deutsch, како и Rekord C од 1966 година и неговата спортска изведба Commodore A. Цената беше вртоглава. Додека Rekord C со лимузинска каросерија чинеше 7.590 марки, кабриолетот чинеше 4.000 марки повеќе. До 1972 година се произведоа само 30 примероци од Rekord A и B со отворена каросерија, како и 50 примероци од Rekord C и Commodore A.

Дилерот на марката, Keinath од Детинген, во 1980-те години го избра за преработка благородното купе Monza. Со шестцилиндарски мотори со моќност до 180 КС и со основна цена од 81.000 марки, кабриолетот од Monza беше изработено во помалку од 100 примероци.

Традицијата продолжува со новата Opel Cascada. Кабриолетот со четири седишта и со платнен покрив е долго 4,7 метри и нуди багажник од 380 литри. Новитет во погонската спрега е 1,6-литарскиот бензинец со директно впрсквуање на гориво и турбонатполнење од генерацијата SIDI, со 170 КС. Cascada е првиот кабриолет што потекнува од сопствената продукција на Opel по моделите Kapitän и Admiral.

[nggallery id=24]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Правилниот притисок е важен и за гумите

Mercedes ќе создава нова марка по пример на Mini