за

Mercedes разви автоматски менувач со 9 степени

Моделот E 350 Bluetec е првиот премиум автомобил со деветстепен автоматски менувач. Новиот менувач со девет степени го прави возењето покомфорно и поштедливо.

Ефектот од зголемувањето на бројот на степени на автоматските менувачи на Mercedes од досегашните седум на девет степени се огледува најдобро во потрошувачката на гориво. Лимузината од средната класа E 350 Bluetec со шестцилиндарски дизел и 252 КС троши во просек 5,3 литри дизел. Поголемиот број на степени воедно влијае и врз комфорот во возење. При возење на автопат, новиот менувач овозможува нивото на надворешна бучност да се намали за 4 децибели.

За комфорната работа на новиот 9G-Tronic придонесуваат директната контрола врз менувачот што овозможува куси и неосетни промени на степените, како и двотурбинскиот торзиски амортизер во претворачот на вртежен момент во менувачот. Благодарение на поголемиот распон на преносни односи, класата Е вози со темпо 120 по автопат во деветтиот степен со само 1.350 вртежи. Претходникот со седум степени, истото темпо го одржуваше со околу 1.800 вртежи во минута.

Компактната конструкција исто така уживаше приоритет во развојот на менувачот. Иако новиот менувач има два дополнителни степена и капацитет за пренос на вртежен момент до 1.000 њутнметри, куќиштето е со иста големина како кај стариот и менувачот е воедно полесен од стариот. Дводелниот концепт на куќиштето се користи и во 9G-Tronic: Куќиштето на претворачот е од алуминиум, додека куќиштето на менувачот е изработено од магнезиумска легура.

13C830_064

Следна цел на инженерите беше да се постигнат девет степени со минимален број на парови на планетарни запченици и елементи на пренос. Преку компјутерска анализа, техничарите дојдоа до само четири едноставни парови од планетарни запченици и шест преносни елементи. Работата ја надледуваат три сензори за вртежи и ги испорачуваат податоците до контролната електроника заради максимална ефикасност во промената на степените на пренос. Интелигенцијата на 9G-Tronic дозволува прескокнување повеќе степени при забрзување и забавување, зависно од ситуацијата во возењето.

За максимална издржливост и ефикасно снабдување со синтетското лесноодно масло од 2-та генерација, новиот автоматик на Mercedes поседува две пумпи. Главната пумпа е значително смалена и работи на механички принцип во „off axis“ конструкција. Вградена веднаш покрај главното вратило, оваа пумпа се задвижува преку синџир. Во работата на оваа пумпа помага посебна пумпа со електричен погон. Со оваа конструкција менувачот се оптимизира за работа со системт старт-стоп. Преку првото директно управување во автоматски менувач со планетарни запченици со девет степени се постигна значително поголема хидраулична ефикасност во менувачот.

Mercedes произведува автоматски менувачи повеќе од 50 години. До денес, од фабриката во Штутгарт-Зинделфинген излегоа преку 22 милиони автоматски менувачи за лесни возила. Менувачот 9G-Tronic одговара за заден погон и за погон на сите тркала, како и за хибриден погон и во следните години ќе се користи во речиси сите моделски семејства и со сите мотори на Daimler.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Работниците на Dacia демонстрираат за изградба на автопат

Новиот кокпит на Volvo: Осум место 40 копчиња за ракување