Марката со сребрената ѕвезда од неодамна е активна и во бизнисот со скапи апартмани. Во соработка со „Frasers“, стилистите на Mercedes креираа шест ексклузивни апартмани за изнајмување во Лондон.
Mercedes отсега ќе ја користи својата компетентност за необичен дизајн, иновативни технологии и интегрирани решенија за мобилност и во секторот на недвижнини. Во Лондон веќе стартува изнајмувањето на шесте ексклузивни апартмани дизајнирани од стилистите на Mercedes, а в година ќе следат уште девет во Сингапур. Целата идеја на Mercedes и на партнерот Frasers Hospitality Grоup, со 16.000 резиденции на располагање низ светот, е стилот што ги карактеризира премиум моделите на германската марка да може да се доживее соодветно и во станбена средина.
Овие апартмани со површина меѓу 50 и 100 метри квадратни не може да се сметаат поинаку освен како „мерцедес“ меѓу апартманите. Има уште два партнера со звучни имиња, специјалистот за озвучување Burmester и стилистите на Swarovski. Целна група за ексклузивно опремените апартмани се „бизнисмени“ и приватни лица, кои сакаат во текот на привремената работа во странство да се чувствуваат како во сопствениот дом. Многу ексклузивен дом.
















