за

Mercedes бара дополнителна фабрика за класата А

Моделите од компакт класата се продаваат толку добро што Mercedes бара дополнителна фабрика за нив. Мал проблем е тоа што и заработката се смалува.

Поради големиот интерес на пазарот за моделите од компакт класата, марката од Штутгарт планира наскоро да стартува со нивно производство во уште една фабрика. Тоа го изјави шефот Дитер Цече при светската презентација на компактниот теренец GLA во Гранада, Шпанија. Овој модел, исто како ванот од класата В и купе лимузината CLA ја користи платформата од класата А.

Новата генерација на компактните модели на Mercedes моментно се произведува во германскиот Раштат и во Кечкемет, Унгарија. Во производствениот ланец влегува и монтажата по нарачка во Финска. За производството да ја достигне побарувачката на пазарот за моделите од класата А, шефот Цече планира покрај дополнителната фабрика во ланецот да се придружат и нови фабрики во Кина и Бразил.

Во минатата година Mercedes продаде 370.000 примероци од моделите од компакт класата, што претставува една четвртина од вкупната продажба на марката. До 2020 година нивното учество ќе се зголеми на 30 проценти. Тоа е воедно и годината што концернот Daimler ја има зацртано како цел да застане на врвот на премиум производителите, односно да ги остави конкурентите BMW и Audi зад себе според бројот на произведени возила.

Во реализацијата на поставената цел голем придонес ќе дадат токму моделите од компакт класата, но проблемот е во тоа што нивните релативно ниски цени влијаат негативно врз профитабилноста на Daimler, за разлика од лимузините од класите Е и Ѕ. За заработката да се врати на поставените 10 проценти, Цече стартуваше со програма за штедење, која што ќе заштеди две милијарди евра во касата на производителот до крајот на годинава. Daimler ги надмина сите поставени цели уште во минатата година, а трендот продолжува и во оваа година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota повикува во сервис 1,9 милион примероци од Prius

Cadillac почнува нов напад врз BMW со купето ATS