за

Cadillac почнува нов напад врз BMW со купето ATS

Европа досега не й донесе поголем успех на марката позната по уличните крстосувачи. Но, Американците не се предаваат. Новиот напад стартува со купето скроено по мустра на BMW.

Cadillac ќе ги напаѓа серијата 4 на BMW и купето од класата С на Mercedes со купето од средната класа ATS. Новиот модел на Американците ќе доживее европска премиера на претстојниот салон во Женева, а наесен ќе стартува и продажбата на најважните пазари на стариот континент.

Со должина од 4,66 метри и висина од 1,39 метар, купето е рамо до рамо со конкурентите од средната класа, иако во номенклатурата на Cadillac тоа се води како компактен модел – што и не треба да зачудува ако се има во предвид дека ATS е најмалечкото купе во историјата на престижната марка во која преовладуваат модели со должина од преку пет метри, како легендарниот De Ville.

Техничката платформа за новакот доаѓа од лимузината ATS што веќе се продава на пазарот во САД. Единствениот мотор што ќе се нуди на европскиот пазар е дволитарски турбо бензинец со 276 КС. Во САД се нуди и задолжителниот шестцилиндарски мотор од 3,6 литри со 325 КС, кој е можно подоцна да се воведе и во европската понуда.

По пример на моделите на BMW и Mercedes, купето на Cadillac вози со заден погон, што сведочи дека инженерите ја имаат поставено динамиката во возење како една од клучните цели во развојот. Освен верзијата со заден погон, со доплата е достапна и верзија со погон на сите тркала. Цената на Cadillac ATS Coupe ќе се објави дури по премиерата на салонот во Женева, но може да се очекува мошне конкурентна бројка. Купеата на Mercedes и BMW во оваа класа стартуваат од околу 40.000 евра.

Покрај купето ATS, во Женева ќе бидат претставени и новата генерација на суперлуксузниот теренец Escalade и електромобилот со техника од Opel Ampera, Cadillac ELR.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes бара дополнителна фабрика за класата А

David Brown е новата престижна марка на Британците