за

Mazda3 стартува со продажба во Германија: Со револуционерен „дизел-бензинец“

Mazda Mazda3

Како прв претставник на новата генерација модели од Хирошима, Mazda3 наскоро стартува со испорака на европскиот пазар. Компактот со впечатлив дизајн пристига и со нови мотори и нови системи за асистенција.

Автомобилската 2019 година веќе вози со полна брзина. Еден од најважните новитети е Mazda3, од кого што домашните ентузијасти и купувачи имаат големи очекувања. Додека пристигнат деталите за македонскиот пазар, нашата редакција ѕирна во германскиот ценовник. Mazda3 таму стартува со испорака веќе во втората половина на март, како привилегија на најголемиот пазар во Европа.

»Необична е локацијата на којашто новата Mazda3 ќе ја доживее својата премиера пред германската публика. Таа ќе се одржи на 18-ти јануари, на саемот за мебел во Келн

Откако Mazda3 ја имаше својата светска премиера на салонот во Лос Анџелес во минатиот ноември, повеќе од 100.000 корисници од Германија ја посетиле страницата за резервација на моделот, а повеќе од 32.000 потенцијални купувачи се пријавиле да ги добиваат сите новитети за Mazda3 во своето поштенско сандаче.

New item by Automedia MK / Google Photos

Mazda3 е првиот сериски модел што го применува усовршениот Кодо-дизајн. Играта на светлината, сенките и рефлексиите по каросериската форма со чисти површини и едноставни линии произведува впечаток на живост, поинтензивен отколку со претходните стилови на Mazda. Дизајнерите имаа цел да постигнат самостојност и препознатливост на секоја каросериска форма одделно. Комбилимузината со пет врати повеќе ги побудува чувствата, во споредба со лимузината, којашто остава поелегантен впечаток.

Дволитарскиот бензинец со 122 КС користи помош од стартер-генератор за екстра заштеда; хибрид без прескапа доплата или благ хибрид

Понудата од бензински мотори почнува со усовршената изведба на 2,0-литарскиот Skyactiv-G со 122 КС. Главниот новитет е тоа што моторот работи во комбинација на таканаречен благ хибрид, односно со стартер-генератор, кој помага да се смали потрошувачката на гориво и емисијата на штетни материи. Дополнително, два цилиндра се „гаснат“ при ниско и делумно оптоварување. Техничарите на Mazda уште еднаш се покажуваат на дело, затоа што Skyactiv-G 2.0 ја исполнува нормата Euro 6d-Temp, без потреба од филтер за честички.

New item by Automedia MK / Google Photos

За дизел-фракцијата е достапен 1,8-литарски Skyactiv-D со 116 КС, со оптимирано впрскување под висок притисок. Моторот неодамна имаше премиера во освеженото моделско годиште на Mazda CX-3. Благодарение на ниските темпоератури на согорување, дизелот испушта помалку азотни оксиди и исто така ја исполнува строгата норма Euro 6d-TEMP, без потреба од скап катализатор SCR и впрсквуање уреа.

Дизел-бензинец Skyactiv-X како компензација за ванкелот; Mazda едноставно мора да остава посебен печат во своите мотори

Топ-моторот и сензација по себе е Skyactiv-X. Комплетно новиот дволитарец користи натполнење со механички компресор и рекорднно висок степен на компресија за бензински мотор, односно 16,3:1. Тоа е воедно и „специјалитетот“ на техничарите на јапонската марка. Skyactiv-X е прв бензинец кој во одредени услови ја пали смешата само под дејство на компресија, како дизел мотор.

Голем дел од развојот на моторот беше посветен во проширувањето на работното подрачје во коешто се одвива компресиското палење на смешата од бензин и воздух, односно на технологијата што е патентирана под SPCCI (Spark Controlled Compression Ignition – компресиско палење контролирано преку искра). Како што навестува и името, моторот се уште поседува класични свеќички за палење, за работните услови во коишто е невозможно (и некорисно) смешата да се запали под компресија.

Палењето под компресија прави бензинецот да постигнува потрошувачка како дизел

Користа од комплицираната и интелигентна техника е секако во смалувањето на потрошувачката на гориво и на емисијата на СО2. Според фабриката, Skyactiv-X 2.0 MHybrid троши колку дизел. Со SPCCI се постигнува и подиректна и порамномерна реакција на моторот, вртежниот момент се ослободува поубедливо, а во исто време моторот лесно ги качува вртежите.

New item by Automedia MK / Google Photos

Новата платформа донесе големи подобрувања во подрачјето на каросеријата и подвозјето, со цел да се постигне и подобра возна динамика и подобар комфор. Mazda посочува дека посебно се намалени вибрациите и звуците во кабината. Управливоста на возилото, исто така.

Импресионира и опременоста на новата Mazda3; Целиот „пакет“ ветува голема предност наспроти конкуренцијата

Сериската опрема опфаќа низа системи за асистенција, меѓу кои и активна корекција на правецот, преку зафат во управувањето, кога возилото поради возачко невнимание ќе мине во соседната лента. Новата Mazda3 поседува и систем за самостојно запирање при опасност од судир, предупредување на приод во крстосница за возила што доаѓаат од попречен правец, како и радарски темпомат со самостојно запирање, поаѓање и корекција на правец, и систем за следење замор, со инфрацрвена камера за возачот.

New item by Automedia MK / Google Photos

Основниот модел со дволитарскиот Skyactiv-G MHybrid на германскиот пазар чини 22.990 евра. Во опремата се вклучени целосно диодни светла, клима, алу-бандажи, полу-дигитална табла, проекциски дисплеј, инфо-забавен систем со дисплеј од 8,8 инчи, со пристап на интернет и навигација, камера за сообраќајни знаци, поврзување со паметен телефон и прием на дигитално радио.

Од спомнатите системи за асистенција, стандардно следуваат радарски темпомат, самостојно запирање при опасност од судир, систем за следење лента и паркинг-сензори назад.

Цените за новата Mazda3 за германскиот пазар

  • Mazda3 Skyactiv-G 2.0 Mhybrid, 122 КС, 6-степен мануелен менувач: 22.990 евра
  • Mazda3 Skyactiv-D 1.8, 116 КС, 6-степен мануелен менувач: 25.290 евра
  • Mazda3 Skyactiv-X 2.0 MHybrid: Продажбата стартува подоцна

Со доплата од 2.000 евра се нуди 6-степен автоматик Skyactiv-Drive. Второто ниво на опрема за германскиот пазар се води како Selection и по цена од 24.290 евра (со Skyactiv-G) доаѓа со автоматика за климата, камера за рикверц, грејачи во седиштата и во воланот, како и пристап без клуч. На списокот на дополнителна опрема стојат пакет i-Activsense со камера во 360°, предупредување пред крстосница, систем за појди-застани во колона и препознавање замор кај возачот.

New item by Automedia MK / Google Photos

Дизајнерскиот пакет вреден 1.500 евра вклучува сиви бандажи од 18 инчи, детали со висок сјај, матрични диодни светла и слични детали. Овој пакет е стандард кај Mazda3 Skyactiv-X 2.0 MHybrid. Озвучување од Bose чини 750 евра и доаѓа со 12 звучници, кожен ентериер чини 1.800 евра (специјален црвен ентериер за Mazda3 Skyactiv-X 2.0 Mhybrid за 2.000 евра).

Првпат во моделската историја, Mazda3 ќе се нуди и во изведба со погон на сите тркала i-Activ AWD. Тој е резервиран за Mazda3 и раководи со распределбата на вртежниот момент меѓу обете оски со помош на сензори.

New item by Automedia MK / Google Photos

И во Mazda имаат нова „тројка“ за фалење

Новата Mazda 3 се очекува на крајот на месецов

Mazda MX-5: Три банки и уште не ѝ доаѓа разумот

Mazda 6 привлекува внимание и без дизел скандали

 

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

nissan leaf 3 zero limited edition

Nissan Leaf во специјална серија со досег до 385 километри

Lamborghini Huracan Evo

Laborghini Huracan на „фејслифт“ со 640 КС и управувана задна оска