за

Mazda3 со освежување за новото моделско годиште

Mazda3 влегува во новото моделско годиште со неколку суптилни промени во дизајнот и опремата, но и со неколку новитети во техниката, коишто го прават возењето покомфорно и побезбедно.

Mazda3 настапува во новото моделско годиште со редизајниран преден дел и заден браник, како и со ентериер што оддава поубедлив впечаток за квалитет. Рачката за паркирната сопирачка е заменета со копче, додека воланот има нов дизајн и располага со можност за греење. Најголемиот дел од промените сепак се сведуваат на детали, кои во целина придонесуваат за натамошно подобрување на комфорот и безбедноста.

По пример на поголемите модели Mazda6 и Mazda CX-5, компактот на Mazda во повисоките нивоа располага со приспособливи диодни светла и автоматско долго светло, како и со нови магленки со диодна техника. Меѓу новитетите во опремата спаѓа и подобрен проекциски дисплеј со повисока резолуција и приказ во боја, вклучувајќи и читање на сообраќајни знаци.

mazda3 fl 00004

Безбедносното ниво е збогатено со систем за самостојно запирање при опасност од судир, којшто отсега работи со камера со висока резолуција место со ласерска техника. На тој начин се зголемува брзинското подрачје на работа и освен возила се детектираат и пешаци на патот. Покрај тоа, Mazda3 запира самостојно и при опасност од судир при возење во рикверц.

Динамична контрола на подвозјето придонесува за повисок возен комфор

Системот за контрола на динамиката на подвозјето G-Vectoring Control, или кусо GVC, влијае врз возните својства во свијоци преку суптилна контрола врз вртежниот момент на моторот, подобрувајќи ја управливоста, но и комфорот во возењето. GVC ја намалува потребата од корекција на правецот со воланот, што резултира со помал замор на возачот. Бидејќи системот во исто време прави преоѓањето меѓу попречно и надолжно забрзување да биде помазно, патниците исто така се изложуваат на пониски оптоварувања при возењето, односно се подобрува возниот комфор. GVC ги користи постоечките сензори и се базира исклучиво на софтвер. Сите моделски изведби на Mazda3 ќе го поседуваат овој систем како стандард.

За комфорот придонесува уште една иновација, којашто се применува кај дизел моторите. Станува збор за „natural sound smoother“, односно за нов вид на динамични придушувачи во клипните осовини, коишто ги апсорбираат вибрациите и придонесуваат за посмирена работа на моторот, особено при пониски вртежи.

Палетата од мотори останува неизменета и се состои од три бензински мотори со моќност од 100, 120 и 165 КС, како и два дизели, со 105 и 150 КС. Преносот на сила стандардно е преку шестстепен мануелен менувач, односно шестстепен автоматски менувач во одредени моделски изведби.

[FAG id=25084]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi стартува со продажба на R8 Spyder V10: Цената е 179.000 евра

Land Rover развива автопилот за теренско возење