за

Land Rover развива автопилот за теренско возење

Автомобилите во иднина ќе возат самостојно по автопатиштата, но и по терен. Специјалистот Land Rover располага со технологија што го заменува возачот при теренско возење.

Небаре возењето по автопат не е доволен предизвик, па Land Rover во иднина ќе ги пушти своите возила да се пробиваат самостојно и по теренот. Специјалистот за теренски возила и марката сестра Jaguar веќе го имаат совладано првото ниво во развојот на теренскиот автопилот и преоѓаат на следното ниво, со премиерното прикажување на способностите на оваа технологија пред јавноста. Британската групација Jaguar Land Rover засега не прецизира кога точно би се појавил автопилотот во нејзините возила.

За самостојното пробивање на возилата по терен ќе се погрижат цела низа системи за асистенција, коишто моментно се развиваат и усовршуваат. Како основа за распознавањето на теренот служи ултразвучна технологија, со којашто електрониката ја распознава подлогата на растојание до пет метри пред возилото и на тој начин ја подготвува техниката за возење по асфалт, кал, снег или песок.

Теренскиот темпомат Allterrain Progress Control без асистенција од возачот ќе се приспособува според условите на патот и автоматски ќе сопира пред пречки, како преслап или премин преку вода. Исто како што стерео-камерата ги чита сообраќајните знаци и хоризонталната сигнализација на патот, така при возење по терен таа го контролира патот по којшто ќе се совлада пречката.

Техниката го поштедува сопственикот од скапи поправки на лакот или каросеријата

Доколку има премалку простор меѓу дрвјата или гранките се прениски, камерата го алармира возачот, спречувајќи скапи поправки на лакот или оштетувања на каросеријата. Покрај тоа, инженерите ја користат таканаречената комуникација Car-to-Car, за олеснување на возењето во конвој, односно на возилата што следат да им се укаже на посебни пречки на патот и да се преземат соодветни приспособувања на системите на возилото.

Од теренскиот автопилот секако дека не може да се очекува да го замени искусниот возач при пробивање по екстремен терен, но затоа тој ќе овозможи предностите на технологијата на автономно возење да станат достапни и на терен, место само во идеални услови и на асфалтирани патишта.

Сензорите може да се користат и за скенирање на конфигурацијата на теренот пред возилото и за приспособување на брзината на возење. Системот TBSA или Terrain-Based Speed Adaptation користи камери за детектирање на нерамнините во подлогата или на длабоките дупки што се полни со вода, однапред пресметува дали постои опасност возилото да удри во овие нерамнини и по потреба ги менува растојанието на возилото од подлогата и брзината на возење.

Препознавањето на подлогата или Surface Identification комбинира камери, ултразвучни сензори, радар и лидар за создавање на комплетна слика околу целото возило. Сензорите се толку напредни што можат да ги одредат карактеристиките на подлогата и тоа точно на површината по којашто ќе прегази секое одделно тркало.

Во првата теренска демонстрација, два Range Rover Sport беа поврзани преку иновативна технологија DSRC (Dedicated Short Range Communications), за безжична размена на информации за локацијата на секое возило, пролизгувањето на тркалата, промена на висината на подвозјето, како и за нагодувањата на системите ATPC (All-Terrain Progress Control) и Terrain Response.

[FAG id=25088]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mazda3 со освежување за новото моделско годиште

Audi го произведе двестотиот примерок од R8 LMS