Во Македонија се возат 1.058 електрични патнички автомобили

Според службени податоци, во Македонија во 2025 година биле регистрирани 1.058 патнички автомобили со погон на електрична енергија. Секоја година се регистрираат најмалку стотина нови електрични автомобили.

Липмотор Ц10 на качување на Галичица од преспанската страна, глетка на заливот на Стење

Електричните автомобили, кинеските автомобили и високите цени на горивата се трите клучни теми на коишто денес се разговара во автомобилскиот свет. Автомобилите од Кина и скапите горива не нé одминуваат, но во електричните автомобили, земјава уште се нема приклучено на трендот што во меѓувреме го следат сите земји од соседството.

Подробните податоци од Министерството за внатрешни работи прикажуваат дека во 2025 година, во Македонија биле регистрирани 1.058 патнички автомобили со електричен погон. Тоа е вистинската состојба на возниот парк во земјава, во поглед на електричните автомобили, наспроти објавите во некои медиуми коишто се повикаа на бројката од 2.047 електрични патнички автомобили во истата година, според Државниот завод за статистика.

Не е изненадување тоа што најголемиот број од електричните автомобили е регистриран во подрачјето на град Скопје. Тоа се 671 возило, односно два од секои три регистрирани автомобили со погон на електрична енергија (ЕВ), носат скопски регистерски ознаки.

Втор град на електричните автомобили е Штип, со 56 возила. Во податоците не се наведува дали станува збор за приватни возила или за службени возила и автомобили што се користат за деловни цели, меѓутоа е сосем извесно дека голем удел отпаѓа на такси возила. Високо котира Велес, со 39 возила, следат Струмица (35) и Куманово со 33 возила.

Во 15 македонски градови лани имало регистрирано помалку од 10 електрични автомобили, со тоа што во Крива Паланка, Кратово, Пехчево и Валандово има само по еден ЕВ. Симпатично е тоа што народот во градовиве веројатно ги знае возачите на тие автомобили и за кои модели станува збор.

Најстариот електричен автомобил се користи и по 26 години

Најстариот електричен во Македонија е произведен во 1999 година, носи скопски регистерски ознаки и очигледно веќе 26-та година е во служба. Мала мистерија е за кој модел станува збор, претпоставка е дека се работи за стандарден модел што е префрлен на погон на струја.

По него следи две години помлад автомобил, што исто така е регистриран во Скопје. Првиот помасовен бран на ЕВ се случил во 2018 година, од којашто датираат 172 електрични автомобили што минале регистрација во 2025 година. Во возниот парк има уште четири години на производство што надминуваат 100 автомобили: Во периодот 2021-2023 и во 2025 година.

Во податоците не се наведува дали се работи исклучиво за електрични автомобили што првпат се регистрирани во Македонија или во меѓувреме се бележи увоз и на користени ЕВ.

Вклучувајќи ги сите категории на возила, во Македонија има вкупно 1.670 возила со електричен погон. По патничките возила, најбројни се мопедите, со 486 регистрирани возила во 2025 година. Во делот каде што електричниот погон е најубедлив, во професионалната примена, односно кај товарните возила, македонските фирми уште заостануваат во преоѓањето на ЕВ, со само 40 товарни возила на струја. Посебно се води категориајта на теренски возила со погон на сите тркала и зголемено растојание од подлогата, коишто учествуваат со 19 возила во македонскиот возен парк.

Мошне популарната категорија на возила, што стегнува слава со електричниот погон, се четирициклите од категоријата Л7е, кај нас бележи само 26 регистрирани возила. Тоа се возила од типот на Фиат Тополино и Ситроен Ами, што се честа појава во европските градови.

Остануваат отворени уште бројни прашања, што прво ќе дадат одговор колку од ЕВ се во приватна, а колку во деловна примена, колку од нив се првпат регистрирани во Македонија, а колку се увезени, но и поподробно расчленување на категоријата на хибридни возила.

Според податоците од МВР, во Македонија во 2025 година имало регистрирано 2.332 хибридни возила, од коишто 2.025 се патнички автомобили, а на тоа следат уште 286 електрични теренски возила со погон на сите тркала.

Секако е важно да се расчлени колку од хибридите се благи хибриди, колку се самополнечки хибриди, а колку приклучни хибриди.

Но, ова е првпат во Македонија да се добие веродостојна слика за состојбата со електричните возила во возниот парк, наспроти претходно објавуваните податоци во некои медиуми, за 2.047 електрични автомобили, што секако е предалеку од реалноста.

Во Македонија се возат и ЕВ со продолжувач на досег, линкот води кон тестот од 800 километри со Фортинг С7 РЕЕВ

Forthing S7 REEV · Најбензинскиот електричен автомобил на пат од 750 км низ Македонија

Претходна објаваМ-Херо има нов модел Икс 700, има дел од Хуавеј

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here