Додека овдешната статистика околу автомобилите се ограничува на само неколку податоци што МВР дозволува да допрат до јавноста, германските статистичари постигнуваат чуда. Тие пресметаа колкав пат вкупно изминале возачките и возачите во Германија со своите автомобили лани.
Во 2025 година, возилата што се регистрирани во Германија, минале пат од вкупно 674,7 милијарди километри. Тоа е дури за 0,7 процент повеќе отколку една година пред тоа.
Најголемиот дел од овој пат е поминат со патнички автомобили, на коишто отпаѓаат 83,3 проценти од вкупната километража. Тоа се 562,3 милијарди километри.
Овие податоци се темелат врз вредностите на километражата што била отчитана на возилата при нивното редовно регистрирање. Ова „гранче“ на статистиката се води од 2023 година наваму.
Ако тоа уште не импресионирало, веднаш следи уште поубедлив податок. Со електричните автомобили, поминати се 25,8 проценти повеќе километри отколку во претходната година. Просечната километража што германските возачки и возачи ја поминале со своите електрични автомобили изнесува 11.312 километри. За споредба, со бензинските возила во просек се минувале по 8.406 километри во 2025 година.
Според тоа, приказните дека досегот ги ограничувал електричните автомобили, не важат во реалноста.
Хибридите пак, не вклучувајќи ги оние што имаат приклучок за полнење, возеле по 13.526 километри, и овие возачки и возачи очигледно се потпираат целосно на можностите на своите автомобили. Нивниот просек пораснал за 26,2 проценти, што исто така е највисока вредност во оваа статистика за видовите погон.
Наспроти нив, возачите на приклучните хибриди возеле помалку, односно со 13.575 километри, нивниот пат во 2025 година бил 4,9 проценти покус отколку во годината пред тоа. Но, нивната категорија пак вози најмногу.
Речиси половината од автомобилската километража во минатата година отпаѓа на бензинци (47,4 проценти), по нив се дизелите со 35,4 проценти. Но, во споредба со 2024, бензинците минале 1,3 процент покус пат, односно дизелите 4,1 процент помалку.
















