По премиерата на новиот RX во Њујорк, благородната марка на Toyota ја претстави верзијата на моделот со дволитарски турбо мотор. Штедливиот Lexus RX 200t ќе се нуди само на неколку пазари.
Првиот бензински мотор со турбонатполнење на Lexus, привремено е главна ѕвезда во погонската понуда на марката, на местото на хибридниот погон. Откако моторот беше вграден премиерно во компактниот NX, сега следува негова имплементација и во новата генерација на поголемиот RX, промовирана неодамна на салонот во Њујорк. Lexus RX200t ќе се нуди на само неколку пазари во светот, почнувајќи од Кина, каде штотуку е претставена новата моделска верзија.
Овој мотор со технологија VVT-iW за варијабилно управување со вентилите и компактен турбополнач со ниска инерција постигнува моќност од 228 КС и работи во комбинација со 6-степен автоматски менувач. Силината е намалена за 10 КС во споредба со NX, заради задоволување на строгите еколошки норми на одредени пазари. Токму овие норми беа и главна цел во развојот на новиот дволитарец според воспоставените начела на „даунсајзингот“, односно смалување на работната зафатнина и компензирање со турбонатполнење, како начин за намалување на потрошувачката на гориво и емисијата.
Чист и штедлив четирицилиндарски турбо во замена за жеден шестцилиндарец
Кажано поинаку, турбо дволитарецот испорачува моќност на шестцилиндарец, но троши драстично помалку гориво. Секако дека Lexus и натаму има мотор со шест цилиндри во гамата на големиот RX. Хибридната верзија користи 3,5-литарски V6 со штедлив еткинсонов принцип на работа и системска моќност од 300 КС во комбинација со електромоторот во RX450h, додека верзија од овој мотор работи и под хаубата на „обичниот“ RX350.
Што се однесува до самиот RX, новата генерација на моделот го следи радикалниот дизајн на помалиот NX, додавајќи интересен ефект на „лебдечки“ покрив со задните столбови лакирани во црна боја. Продажбата на новата генерација на RX на пазарот во САД ќе стартува кон крајот на годината, а подоцна ќе следуваат и испораките за другите светски пазари.

















