за

Golf Variant во три варијанти: Alltrack, R или GTD?

Овие три модела на Golf навидум се исти како сите други. Но, на втор поглед, разликите се големи. Сите три модела се специјалисти: Еден за брзина, друг за висина, трет за далечина.

Спојот на обично комби чијашто суштина е во поголемиот простор за товар, со силен мотор, способно подвозје и кокпит со спортски печат отсекогаш ги привлекувал автомобилските ентузијасти. Затоа и не зачудува што Volkswagen го нуди спортското комби во три различни варијанти, секоја со посебен карактер: Golf Variant GTD вози најдалеку, како најштедлив, Golf Variant R вози најбрзо, како најсилен, и Golf Alltrack вози највисоко, со теренските таленти.

Alltrack: Golf за сите терени

Најсвежата комбинација е Golf Alltrack, во стилот на Passat Alltrack од 2012 година, стандардно со погон на сите тркала 4Motion, зголемено растојание од подлогата и заштита на праговите. На тоа се надоврзуваат модифицирани браници, заштитни арки на крилата и посебни детали во кабината. Овој Golf за сите терени е достапен со еден бензински и три дизел мотори, сите со директно впрскување и турбонатполнење: 1.8 TSI со 180 КС и 2.0 TDI во верзии со 110, 150 и 184 КС. Бензинецот и дизелот со 184 КС стандардно ја испорачуваат силата на сите тркала преку 6-степен менувач со двојна спојка.

Volkswagen Golf AlltrackОснова на погонот на сите тркала е халдекс-спојка, којашто ја одредува распределбата на силата меѓу обете оски, додека контролата на стабилноста симулира функција на електронска блокада на диференцијал на предната и задната оска. На асфалт повеќе се докажува системот XDS+, којшто во брзи свијоци контролирано го потсопира внатрешното тркало во свијокот, подобрувајќи ја на тој начин управливоста, односно функционирајќи повторно како блокада на диференцијал.

Покрај тоа што е пристојон подготвен за терен со 20-те милиметри зголемено растојание од подлогата, со специјалната програма што ги дотерува системите во подвозјето за теренско возење и погонот 4Motion, Alltrack има таленти и на „влечна сила“, со двата тона дозволена тежина на приколка.

Експресна достава со Golf R Variant

Golf R продолжува во други екстреми. За првпат од стартот на серијата во 2002 година со Golf R32, Volkswagen го нуди „R“ како Variant. Турбо-бензинецот со 300 КС пренесува до 380 њутнметри на сите четири тркала преку 6-степен менувач со двојна спојка. Дваесетте милиметри што Alltrack ги има во „плус“, R ги има во „минус“. Тој е за 20 милиметри подолу до асфалтот од стандардниот Golf. Со тоа оди прогресивно управување, како и спортска програма за стабилност ESC Sport, со можност за комплетно онеспособување на системот, на пример при возење на тркачка патека. Спринтот на Golf R му трае 5,1 секунди, крајната брзина е ограничена џентлменски на 250 km/h.

volkswagen golf variant trojka 420150419Задниот браник е изведен во различен стил од стандардниот Variant, со дифузор лакиран во сјајна црна боја, со четири издувни цевки со хромиран финиш, „аерокрилца“ на крајните кровни столбови и диодно осветлување на регистерската табличка. Смислата на R Variant е во тоа што комбинира висока динамика со висока практичност. Багажникот стандардно собира 605 литри, а максимумот изнесува 1.620 литри. Кокпитот ја следи шемата на комбилимузинскиот R.

GTD за првпат како Variant по 33 години

Volkswagen го нуди за првпат во верзија Variant и „дизелскиот брат“ на GTI. Кога се појави за првпат пред 33 години, Golf GTD го наследи култниот статус на GTI меѓу дизелите, со понудениот спој на пристојни перформанси со врвна штедливост. Исто како кај комбилимузината, за погонот е задолжен дволитарскиот TDI со 184 КС, со просечна потрошувачка од 4,4 литри. Шестстепениот DSG тука е достапен како опција за мануелниот менувач.

volkswagen golf variant trojka 920150419Дизелот постигнува вртежен момент исто колку Golf R и го забрзува GTD за 7,9 секунди до сто. Крајната брзина е 231 km/h. Електронската симулација на механичка блокада на диференцијал XDS+ се вградува стандардно, ESC исто така може целосно да се исклучи, управувањето е прогресивно, а подвозјето е спуштено за 15 милиметри. На тоа доаѓаат бандажи од 17 инчи во дизајн Curitiba.

 

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новата серија 7: Знаменосецот на BMW е подготвен за премиерата во септември

Lexus го вградува дволитарскиот турбо во големиот RX