Германските медиуми јавуваат за засилен пробив на Липмотор уште од почетокот на годинава, а сега е на ред уште поубедлив наслов: Специјалистот за електрични автомобили во јуни бил најпродавана марка електрични автомобили од Кина, на просторот од Силт на север до Баварските Алпи на југот.
Од канцеларијата на Липмотор во германски Риселсхајм јавуваат дека „со силен завршен спринт во јуни, Липмотор постигна исклучително успешно прво полугодие во 2026 година во Германија.“ Веста се однесува на службено потврдени 2.662 ново регистирани автомобили од кинеската марка на пазарот во земјата, во јуни.
Со 366 проценти во плус, тоа е речиси четирикратно зголемување на бројот на нови регистрирани возила во споредба со првиот летен месец лани. За шесте месеци досега, Липмотор има регистрирано 8.402 возила во земјата на Мерцедес и Фолксваген. Тоа е за 306 проценти над билансот во првото полугодие во 2025 година.
Јуни излезе и рекорден месец за стратешкиот партнер на концернот на Фиат и Пежо на германскиот пазар. Липмотор не само што во минатиот месец продаде повеќе возила од кога било, туку и достигна најголем загриз во германскиот колач, со 0,9 процент од пазарот. Кинезите почнаа да испорачуваат возила за Берлин уште кон завршетокот на 2024 година.
Во „скок-мотор“ се горди и на тоа што во јуни ниту еден од нивните кинески современици не продал повеќе електрични возила во земјата. Тие имаат место на подиумот и општо, кога кинеските соперници ќе ги соберат останатите видови погон што ги имаат испорачано во Германија во јуни.
Главниот носител на заслугите е градското електрично мини Т03, што е најпродаван модел и во својот сегмент и воопшто во конкуренција на ЕВ од кинески марки.
„Мошне сме задоволни со првото полугодие 2026 и растеме натпропорционално брзо. Доследното работење во секторот на приватни купувачи во минатите месеци се исплатеше – сега ги жнееме плодовите, заедно со нашата силна продажна мрежа“, порачува Мартин Реш, шефот на Липмотор во Германија.
Реш е задоволен и од одговорот на германските возачки и возачи на Б05, уште пред моделот да почне со испорака, а пристигаат нарачки и за новиот малечок СУВ-модел Б03 Икс. Германците веруваат дека во второто полугодие ќе постигнат уште поголем раст.
Липмотор прави скок на македонскиот пазар во вистинска насока
















