Пионерот во производството на фотокамери на саемот CES во јануари ќе претстави паметен телефон со андроид за љубителите на фотографијата. Од Kodak потекнува само името.
Многумина љубители на фотографијата уште веруваат во Kodak, иако фирмата во меѓувреме банкротираше и потоа се преориентира на дигитален печат. Но, некои пазарни лисеци се сетија дека името Kodak уште може да им носи пари. На CES ќе стартува нова серија на паметни телефони со андроид, коишто ќе овозможат висококвалитетно фотографирање со едноставно ракување. Добриот квалитет на камерата се подразбира, а се најавуваат и солидни апликации за обработка и дистрибуција на фотографии.
Други детали засега не се познати. Производител на телефонот не е Kodak, туку групацијата Bulitt. Ова британско претпријатие работи под лиценца на Caterpillar и освен производство на телефони за користење во екстремни климатски услови од серијата CAT, се грижи и за нивната дистрибуција и продажба. Слично ќе биде и со телефоните на Kodak. Од култната марка сепак потекнува само името, за сé останато ќе погрижи групацијата Bulitt. За втората половина од годината се најавува и таблет со андроид, како и „connected camera“.
Освен паметниот телефон, Kodak ќе претстави и флеш-дискови и други уреди за запишување, батерии и полначи, како и вообичаеното изобилство од прибор за фотографирање.
















