Кина и ЕУ се спогодија да ги забрзаат преговорите пред да се изгласаат царините за електричните автомобили

Автомобили на Зикр чекаат да бидат натоварени на брод во Кина.

Европската Унија и Кина се спогодија да ги забрзаат преговорите и да најдат решение на само неколку денови пред конечно да се изгласа воведувањето на високите царини за увозот на електрични автомобили од Кина.

Валдис Домбровскис, комесарот за трговија на Унијата, соопшти дека тој и министерот за трговија Ванг Вентао имале продуктивна средба и планираат да ги продолжат разговорите „без влијание на истрагата на ЕУ и на нејзините крајни рокови.“

ЕУ јасно ѝ посочила на Кина дека ќе ја продолжи својата формална истрага за високите субвенции за електричните автомобили што се произведени во Кина, „но двете страни се спогодија за повторно да ги разгледаат цените,“ соопшти Олоф Гил, гласноговорник на Европската Комисија.

Во соопштението од кинеското министерство за трговија се наведува дека двете страни ќе продолжат да разговараат околу цените и се обврзани да изнајдат решение што е прифатливо за двете страни. Министерството додаде дека на секакви царини ќе одговори со „неопходните мерки.“

Кина претходно ѝ понуди на Унијата дека ќе се обврзе да почитува одредено ниво на цени, како механизам што се користи да се контролираат цените и обемот на извоз, со цел да се избегнат царините, но ЕУ тогаш наведе дека понудените решенија биле неприфатливи.

Добровскис му посочил на Ванг дека истрагата на ЕУ „ги следи правните рамки на СТО,“ кажал Гил, повикувајќи се на Светската Трговска Организација.

Ванг соопшти и дека еден ден претходно биле одржани преговори со производителите на автомобили во Брисел.

ЕУ планираше на 25-ти септември да гласа за усвојување на царините, иако е извесно дека може да дојде до кусо одложување на датумот.

Ванг е на тура низ Европа и се обидува да убеди доволно држави членки да гласаат против царините, посетувајќи ги Германија, Италија, а сега и Белгија, каде што е седиштето на ЕУ.

ЕУ предложи царини за електричните автомобили од Кина што достигнуваа и до 50 проценти.

Гласањето што е предвидено за подоцна во месецов ќе доведе до тоа во ноември да стапат на сила новите царини, што ќе останат на важност пет години, освен во случај квалификувана главнина, односно 15 држави членки што претставуваат 65 проценти од населението во Унијата, да гласа против.

ЕУ повеќепати укажуваше дека секое решение мора да биде во согласност со правилата на СТО и да се земе превид влијанието од субвенциите во Кина. Домбровскис потсети на тоа на 19-ти септември.

Ставовите на ЕУ се насочени во одбрана на илјадници работни места и на економските резултати од автомобилската и добавувачката индустрија, што се загрозени со електрификацијата.

Царините можат да им обезбедат мала предност на европските производители на автомобили, коишто се соочуваат со остра конкуренција од кинеските компании што го шират своето присуство на глобалниот пзар.

Кина гледа во Европа еден од најпрофитабилните пазари за извоз на своите електрични автомобили.

Доколку на кинеските производители им се дозволи релативно слободен пристап во Европа, тие ќе можат да ги зголемат маржите што претрпеа голем пад поради острата конкуренција на домашниот пазар.

Во рамките на преговорите, Кина од една страна нуди зголемени инвестиции во фабрики за автомобили, на пример во Шпанија и Унгарија, додека од друга страна се заканува дека ќе возврати со царини за млечни преработки, жестоки пијалоци и други производи.

Во текот на неговите разговори во Италија, Ванг посочил дека Европската Комисија не покажала политичка волја да го надмине сорот, стои во извештајот на кинескиот мeдиум Саишин. Според министерот за надворешни работи, Антонио Тајани, Италија е за воведување на царините.

Шпанија и Германија во изминатите недели излегоа со категоричен став дека се против царините за кинеските ЕВ. Во почетокот на месецов, шпанскиот премиер кажа дека ЕУ треба да го провери својот план за воведување дополнителни царини и со тоа укажа на разногласието во ЕУ.

Гласноговорникот на германската влада, Штефен Хебештрајт, кажа дека канцеларот Олаф Шолц веќе ги искажал своите скептични погледи во врска со царините и ги поздравил изјавите на шпанскиот премиер Педро Санчез.

Во објавата за средбата со Ванг, што беше одржана неделава во Берлин, германскиот министер за економија Роберт Хабек укажа дека ЕУ и Кина мора итно да изнајдат политичко решение во спорот за електричните автомобили произведени во Кина и порача дека трговскиот спор треба да се избегне „по секоја цена.“

Претходна објаваНио не може да си ја дозволи фабриката на Ауди во Брисел
Следна објаваОпел Мока на фестивалот за кафе во Скопје

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here