Kia Stinger: Корејско осило за светската елита

Пред неполни шест години на салонот во Франкфурт се појави заводлива студија на купе-лимузина под знакот на Kia. Потоа оваа креација на германското студио за дизајн западна во заборав. Но, Корејците очигледно имаа конкретни планови со возилото и позитивната реакција на публиката беше само како знак за пуштање во сериско производство. На салонот во Детроит пристига Stinger. И боде.

Дизајнот несомнено се вбројува меѓу највлијателните обележја на Kia, особено откако истиот го потпишува германската ѕвезда на дизајнерската сцена Петер Шрејер. На салонот во Франкфурт пред повеќе од пет години, Kia ја претстави студијата GT, на којашто публиката реагираше едногласно: Кога автомобилот ќе влезе во сериско производство?

Во тоа време, дизајнерскиот правец го одредуваа модели како Magentis, Opirus или раните генерации на Sorento и Sportage, автомобили покрај кои GT ќе изгледаше како вонземјанин. Но, стилската преродба напредуваше и следуваа модели како „корејскиот Quattroporte“, Optima, кој понатаму послужи како мустра за целата моделска понуда на Kia.

Kia Stinger

На салонот во Детроит, како прв голем собир на браншата во новата година, Kia го претставува автомобилот што ќе го одбележи ова автомобилско шоу. GT се враќа на сцената како сериски автомобил, незначително видоизменет и со ново име што воопшто не навестува скромност: Stinger!

Реткост е серискиот модел да изгледа повпечатливо од студијата

Купе-лимузината во сериската изведба изгледа дури и позаводливо од студијата, што е реткост во браншата, ако не и исклучок, извозена е „милијарди“ километри во тестирање по Нирбургринг и располага со сета можна асистирачка технологија што прави возењето да биде покомфорно и побезбедно. Stinger боде, како највозбудливиот и најодушевувачки модел што досега бил ставен под логото на Kia. Корејците се наместени на стартната линија, заедно со спортските лимузини од Минхен, Штутгарт или Тојота Сити.

Kia Stinger

Секаков обид да се опише дизајнот ќе заврши неблагодарно, зборовите се недоволно моќни. Тоа што е најважно, Stinger изгледа оригинално, свежо, смело. Ако Optima е корејскиот Quattroporte, ова е Panamera од истокот. Со таа разлика што е поубава.

Душа и топлина место стерилна атмосфера на лабараторија за протетика

Внатре владее минималистичка шема. Сите прекинувачи се на број, но нивното присуство не е толку доминантно, тие се сокриени зад сексапилно заоблените површини на кокпитот. Место да оддава стерилна атмосфера на лабараторија за протетика, кокпитот на Stinger зрачи со душа и топлина.

Дрско изведени ленти со хромиран финиш по должината на таблата, педантни штепови на воланот и седиштата, куса рачка на осумстепениот автоматски менувач и дисплеј на врвот на средишната конзола, како засебен елемент.

Kia Stinger

Со 4,83 метри меѓу браниците, Kia е за нијанса подолга од стандардот во класата, но затоа е недостижна во меѓуоскиното растојание од 2,91 метри. Од тоа може да се очекува пристојна просторна понуда на задната клупа, кадешто сепак останува неизвесно колку простор останува под покривот што во купеовски манир се спушта наназад.

Шестцилиндарец со битурбо натполнење со 365 КС и погон на сите тркала

Првата лимузина со заден погон на Kia ќе биде достапна со два бензинци со директно впрскување и турбонатполнење, вградени надолжно. Основниот мотор ќе биде четирицилиндарски дволитарец со 255 КС при 6.200 вртежи и 353 њутнметри од 1.400 до 4.000 вртежи. Уште посериозно гризе 3,3-литарскиот V6 со битурбонатполнење, 365 КС при 6.000 вртежи и 510 њутнметри меѓу 1.300 и 4.500 вртежи. Инженерите ги доработуваат последните финеси, така што овие податоци се само ориентациски. Но, целта е посилната верзија да забрзува до сто за 5,1 секунди и да биде способна за 269 km/h.

Kia Stinger

Автоматски менувач со осум степени е стандард, кој потекнува од новата генерација што е развиена специјално за модели со заден погон. Овој менувач веќе се вградува во K900, недостапен во Европа. Дополнително ќе се нудат и верзии со погон на сите тркала, со поголем акцент на задната оска, заради поголема динамика во возењето.

Гамата се состои од Stinger со дволитарски мотор и Stinger GT со 3.3 V6 и погон на сите тркала, иако тоа важи само за пазарот во САД. Дали Kia ќе го нуди посилниот модел во верзија со погон само на задната оска и дали погонот на сите тркала ќе стои како опција за послабиот модел се прашања што веројатно ќе бидат одговорени во март, за време на салонот во Женева. Дизел? Мошне веројатно, а подобро хибрид.

Поранешен инженер на BMW раководеше со развојот на подвозјето на Stinger

Секако дека не недостига варијабилна распределба на вртежниот момент меѓу две тркала на иста оска. Kia Stinger сериозно се зафаќа со динамиката, затоа што верзиите со заден погон располагаат со механичка блокада на диференцијал – тоа не треба да зачудува, подвозјето го развиваше Алберт Бирман, којшто во 2014 година пристигна од BMW. Верзијата со мотор V6 поседува диск сопирачки од Brembo, со четириклипни сопирачки клешти напред и двоклипни назад.

Kia Stinger

Kia и досега ги разгалуваше своите клиенти со изобилство од опрема. Stinger не е исклучок: Проекциски дисплеј во боја, безжично полнење телефон, опција за Harman Kardon озвучување со сабвуфери под предните седишта. Следува и комплетен арсенал од системи за асистенција, од самостојно запирање при опасност од судир, преку радарски темпомат до систем за следење лента со активно зафаќање во управувањето.

Цената на Kia Stinger ќе биде позната за неколку месеци, но сосема е извесно дека моделот нема да биде евтин. Сепак треба соодветно да се награди долгогодишната работа, за студијата GT да се претвори во реалност.

[FAG id=26963]

Претходна објаваСекоја втора Toyota во Германија е хибрид
Следна објаваBentley Continental Supersports: 2,5 тони за три секунди до сто

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here