Овој автомобил е шампион во секоја категорија: 336 km/h, спринт до сто за 3,5 секунди, шестлитарски W12, најмоќниот мотор во историјата на Bentley со 710 КС и максимален вртежен момент од 1 килоњутнметар. Но, и во просечната потрошувачка од 15,7 литри ретко кој може да се спротивстави на суперспортскиот Continental.
Некои автомобили се многу поразбирливи во бројки. Кабриолет изведбата на Bentley Continental Supersports тежи 2.455 килограми, со што е за 175 килограми полесна од купето, спринтот до сто трае 0,4 секунда подолго од него, постигнува 330 километри на час и со тоа ја понесува титулата на најбрз кабриолет со четири седишта во светот.
Само дванаесетцилиндарец со 1 килоњутнметар може да забрза 2,5 тони за 3,5 секунди до стотка
Спојот на овие вртоглави перформанси со тежина на среден тенк може да биде заслуга единствено на дванаесетцилиндарскиот мотор, којшто доби повисок притисок на натполнење во турбополначите, заедно со преработка на интеркулерот. Како резултат од овој зафат произлегоа дополнителни 80 КС и 217 њутнметри отколку кај моделот што беше претставен премиерно во 2009 година. Крајната брзина се зголеми за осум километри на час, додека спринтот се скуси за 0,4 секунда. Распределбата на вртежниот момент во сооднос 40:60 меѓу обете оски остана непроменета, новитет е приспособливата распределба на њутнметрите меѓу две тркала на иста оска.
https://www.facebook.com/BentleyMotors/videos/1506864849327844/
Оваа лудост на тркала ја ставаат под контрола најголемите сопирачки дискови во светот, со карбон-керамичка техника и подобрено ладење. Кој сака да заштеди тежина може да доплати за издувен систем од титаниумска легура, кој заедно со модифицираните сопирачки зад бандажите од 21 инч го олеснува Bentley за 25 килограми. Тежината на возилото инаку изнесува најмалку 2,3 тони. Оваа заштеда сепак е меродавна, затоа што Supersports во моментов е најлесна моделска изведба во гамата на Continental GT.
Нови акценти во надворешната појава внесуваат предниот и задниот браник со сплитер, односно дифузор, новите прагови и отворите з воздух во хаубата, црните всисници во крилата и новиот дизајн за издувните цевки во сјајна црна боја, заедно со темните предни и задни светла.
Внатре Bentley за првпат нуди амбиент во три бои. Додека надворешниот стил оддава моќ, внатрешноста посредува луксуз и врвна мајсторија на британските занаетчии.
















