Киа ПВ5 · Тест · Електричниот погон е друг свет кај доставните возила

Додека кај патничките автомобили е големо двоумењето дали да се премине на електричен погон, кај доставните возила нема емоции, туку чиста математика. Тука електричниот погон е закон. Киа ПВ5 не е ништо помалку од револуција.

Името Киа е добра реклама за доставни и работни возила, покрај тоа што светот одамна ѝ верува и на автомобилската марка Киа. На улиците уште може да се види по некое доставно Преџо или камионче Бонго, обично натоварено со прозорци. Тоа е од поглавјето до 2007 година, кога престана европската продажба на овие модели. По близу две децении, презема електричната Киа ПВ5. Нема друга опција, освен струја. Тест.

Киа во изминативе години гласно ја најавуваше новата генерација доставни возила, што е конструирана строго со електричен погон, без каква било опција. Тоа е сосем нова гранка на корејскиот производител, што се води како ПБВ, скратено од англиското Платформ Бијонд Виакл, и може да се сфати како – платформата е поважна од сé.

Притоа се мисли на платформа во буквална смисла. ПВ5 и останатите возила од семејството ПВ, конструирана е исто како бубата на Фолксваген и други модели од тоа време, што се потпираат на шасија.

Основата на Киа ПВ5 буквално е плочка, инженерите за тоа велат дека е како скејтборд. Врз таа плочка, што ја содржи во себе сега техника, од електромоторот, до енергетската електроника, ладењето и греењето на батеријата, и секако, самата батерија, може да се изведе каква вило каросериска надградба.

А, токму тоа е најважно, кога еден производител сака да понуди на пазарот модел на доставно возило, што може да се приспособи за секаква намена и потреба, од возило за куќен мајстор, до луксузен хотелски шатл. Киа ПВ5, според тоа, се издвојува и со електричниот погон, но и со платформата.

Во секој финансиски извештај во изминативе години, шефовите на Киа упатуваа на големата надеж со новиот влез во светот на доставните возила, со ПБВ-моделите. Се спомнуваше и скапата фабрика што е изградена од темел во Хвасон и во којашто секоја година ќе се произведуваат по 250.000 доставни ПБВ. Дури и на одбележувањето на 80-годишнината на Киа – тоа е патем и најстариот производител на автомобили во Кореја – ПВ5 и идните сестрински модели, имаа почесно место.

Голема тема е ПВ5. Посебно признание дојде од светското стручно жири, што Киа-та ја прогласи за најдобар ван во светот за 2026 година.

Што е толку посебна оваа Киа ПВ5?

Изгледот секако дека двои, но тоа не беше главната цел. Киа ПВ5 мораше да двои со изгледот во уличната слика, затоа што е несекојдневно доставно возило. Корејците со ПВ5 постапија исто како Кинезите со фиксната телефонија.

Во Кина одвај дека постои фиксна телефонија. Тоа е скапо и бесмислено во големата земја, со дузина планини повисоки од 8.000 метри, пустини, рекa како Јангце, што е широка меѓу еден и три километри. Затоа, Кинезите се решија да не се мачат со каблите, туку веднаш прејдоа масовно на мобилна телефонија.

Исто со Киа ПВ5. Место да биде резервирана и да направи модерно доставно возило, што првенствено ќе биде конструирано за дизел мотор, и од него ќе нуди елетрична изведба, чисто колку некој да не побара, што инаку е масовен пример во светот на доставните возила, Киа направи електрична ПВ5, без каква било друга погонска варијанта.

Доставните возила се голем бизнис, меѓутоа дизелот е доминантен. Сите големи имиња на европскиот пазар – Ситроен Џампер и Џампи, Фиат Дукато и Скудо, Форд Транзит, Мерцедес-Бенц Спринтер и Вито, Опел Мовано и Виваро, Пежо Боксер и Експерт, Рено Мастер и Трафик, Тојота Проејс и Фолксваген Транспортер Т7 – се нудат во варијанта со електричен погон, покрај дизелот.

Но, од големите производители, модел што е конструиран строго и исклучиво за електричен погон, нудат само Киа и Фолксваген. Германците, сепак, одат на ретро-фактор и ИД.Баз го стилизираа како Т2, славниот Були. Киа отиде во спротивен правец и ПВ5 изгледа како од филм од научната фантастика.

Изгледот ѝ прилега, Киа ПВ5 вози спектакуларно различно

Предностите од пристапот за ПВ5 да биде чисто електричен модел, јасни се уште од отворањето на вратата. Се седнува како во малку повисок теренец. Кога човек треба 50-пати во текот на работната смена да се симне и да се качи на работното место, тоа знае да биде многу заморно. А, заморен возач ќе гледа да ескивира некоја тура, место да гледа да сработи повеќе.

Разликата од сé што светот досега има видено во едно доставно возило, уште поголема е кога ќе се отворат вратите на товарниот простор. Одвај нешто повеќе од 40 сантиметри ги двојат подот и земјата. Ако не се товари со вилушкар, а во ПВ5 има место за една европалета долж и една попреку, туку се товари рачно, луѓе знаат да ја кажат разликата, кога подот е толку ниско.

И пак, изненадување – што и не мора да биде, барем од гледиште на физиката. Тежиштето на ПВ5 е ниско како на Киа Сид. Веројатно уште пониско, затоо што тешката батерија долу во подот, дополнително го спушта тежиштето.

Овој фургон на струја вози како лимузина. Возните својства се како на спуштен Спортаж со проширена трага, забрзувањето е како на Киа Стингер, а потрошувачката – е, тоа е неспоредливо.

Со полна батерија – не наполнета како било, туку на полначот пред салонот на Киа, што е приклучен на фотоволтаиците врз сите хали на Електроелемент – тестот од Скопје се возеше до Охрид. Исходот: 136 километри преостаната струја. За помалку од час и половина, батеријата на обичен полнач од 11 киловати достигна 85 проценти. Со таа наполнетост, се вози уште 280 километри.

Киа ПВ5 вози одлично, но има ли други квалитети?

Во град, потрошувачката ќе биде уште пониска. Вредности близу 14 киловатчасови не се незамисливи. Киа-ва може да се приклучи и на брз полнач со еднонасочна струја, кога за 20 минути се постигнуваат 80 проценти полна батерија.

Кабината е интелигентно осмислена, со бројни прегради, одлична прегледност и пријатно чувство. Се чувствува и поголема просторност. Тоа што посебно се издвојува се системите за асистенција. ПВ5 не заостанува зад лимузините на Киа, и нуди од предупредување за пешак или велосипед на пат, до систем за задржување во лента и радарски темпомат, што запира самостојно кога ќе се наиде на колона – потоа е доволно да се притисне едно копче на воланот и ПВ5 ќе продолжи да ја следи колоната, до следниот семафор.

Цената е решавачка кај едно доставно возило, а токму тука поентира електричната Киа

Големото изненадување сепак е цената, а тоа е најважното, било да станува збор за единствено возило во фирма или за обновување на целиот возен парк на силна компанија. Без ДДВ, нормално, Киа ПВ5 во оваа изведба чини 33.856 евра. Со поголемата батерија, со досег до 416 километри и мотор со 120 кВ/163 КС, место 90 кВ/111 КС, Киа ПВ5 чини 36.398 евра. Тука нема двоумење, ПВ5 е „Доставното Возило“ во моментов.

Претходна објаваСтелантис се врати во зоната на добивка, заслуга на Џип и Рам
Следна објаваМалечка, брза и електрична Опел Корса со историската ознака ГСЕ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here